Поповиќ за СП: Потребни се повисоки плати, борбата со корупцијата не е бесплатна

Фото: МИА

Усвојувањето на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судир на интереси 2021-2025 е добро поставена амбиција, но сега институциите треба да обезбедат дека она што е предвидено во неа ќе се реализира, вели Миша Поповиќ од Институтот за демократија Социетас цивилис.

– Идејата беше да се постави амбиција и да се изгради стабилен систем за сериозна борба со корупцијата и тоа го гледаме во усвоената стратегија во Собранието. Можеби и дел од четиригодишната стратегија нема да се оствари и ќе остане и за понатаму, но мора да имаме визија. Сега останува на институциите да ги создадат потребните ресурси, односно да ги најдат и да ги платат, за да се реализира предвиденото. Борбата против корупцијата секако не е бесплатна. Институциите кои се во прв ред во оваа борба се Антикорупциската комисија, Јавното обвинителство, инспекциските служби и Државниот завод за ревизија и сите со години се кусок на средства за работа и со квалитетен и едуциран кадар. Платите во овие институиции се пониски од пазарната вредности на струките што им се потребни. Ревизорите, форензичарите, аналитичарите и другите имаат поголеми плати во приватниот сектор. Освен во УЈП и Царина платите во останатите институции се слични. Тој проблем е посистемски, треба да се обезбеди начин повеќе да не се одлева квалитетниот кадар од јавниот во приватниот сектор, вели Поповиќ за „Слободен печат“.

Друг аспект на борбата против корупцијата покрај квалитетно поставената стратешка рамка е немањето на доволно политичка волја за реална борба. И досега Собранието усвојувало стратегии и завршил мандатот на повеќе антикорупциски комисии, па пак редовно се повторуваат слични коруптивни шеми. Според Поповиќ, токму кај ресурсите е клучниот проблем за се, па и за политичката волја.

– Тоа е процес. Усвојувањето на стратегијата на некој начин е демонстрација на таа политичка волја за борба против корупцијата. Следниот чекор што јавноста треба да го види е да се обезбедат се што е потребно. Кога институциите се екипирани со квалитетен кадар и со потребните средства, потребата од политичка волја се намалува. Институциите ќе си ја вршат функцијата. Затоа сега владата и министерството за финансии треба да обезбедат да се реализира превидениот акциски план, вели Поповиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот