Поповиќ: „Охридско лето” и оваа година понуди квалитет, започнуваат подготовките за јубилејното 60. фестивалско издание – Слободен печат
ВестиКултура

Поповиќ: „Охридско лето” и оваа година понуди квалитет, започнуваат подготовките за јубилејното 60. фестивалско издание

Осврнувајќи се на концептот на фестивалот кој е традиционален, со класична музика и театар, директорката потсети дека во рамките на дополнителната програма годинава беа воведени содржини кои беа привлечни и атрактивни за пошироката публика

„Охридско лето” запиша уште едно успешно издание во богатата фестивалска историја. На фестивалските сцени годинава продефилираа 500 уметници од 23 земји од светот, но и гости од земјава и странство кои допатуваа за да ја следат фестивалската програма. Тоа денеска на завршната прес-конференција од годинешното 59-то издание на фестивалот „Охридско лето” го истакна директорката на Националната установа, Наташа Поповиќ.

– Огромен беше бројот на оние кои бараа резервација за свеченото отворање што за нас е доказ дека „Охридско лето” и годинава понуди квалитет што го препознаваат и надвор од нашите граници. Антички беше претесен да ја собере неколку илјадната публика која беше воодушевена од спектакуларниот настап на светки славната Ванеса Меј. Четириесет и седумте настани кои се одржаа на неколкуте сцени, Антички театар, црквата „Света Софија”, предворјето на црквата „Света Софија”, Долни Сарај, во Центарот за култура, беа исполнети до последното место. За дел од настаните се бараше и карта повеќе. И вечерашната претстава, со која ќе ја спуштиме завесата на ова 59-то издание, е веќе распродадена, додаде Поповиќ.

Осврнувајќи се на концептот на фестивалот кој е традиционален, со класична музика и театар, директорката потсети дека во рамките на дополнителната програма годинава беа воведени содржини кои беа привлечни и атрактивни за пошироката публика.

– Како новини кои ги воведовме беа Подиумот на млади што се одржа пред официјалниот почеток на фестивалот со што дадовме шанса нашите музички таленти да ја почуствуваат магијата на овој голем фестивал, рециталот како нова уметност во програмата, како и настани што се одржаа надвор од фестивалската рамка во текот на целата година. Тоа се покажа како успешен проект и верувам дека во годините кои следат ќе прерасне во една убава традиција, рече директорката на „Охридско лето”, Наташа Поповиќ која потсети дека под мотото „Звукот и бојата на езерото”, фестивалот годинава како новина воведе и туристички водич со што бројни уметници имаа прилика, покрај својот настап, да се запознаат со убавините и историјата на градот.

Со тоа, според Поповиќ, „Охридско лето” се потврди како најдобар презентер на македонската култура и развојот на културниот туризам.

Селекторот на музичката програма на фестивалот „Охридско лето”, Васо Ристов, на последниот фестивалски ден истакна дека и годинава е реализирано уште едно квалитетно, врвно, атрактивно фестивалско издание, како што рече, „достојно за паметење”.

– На врвните и маестрални изведби на брилијантните уметници, многубројната фестивалска публика им возвраќаше со долги стоечки овации на што уметниците се оддолжуваа со по три или четири биса. Задоволни беа и изведувачите, гости на фестивалот, кои упатија голем број пофалби до фестивалот за прекрасната организација на сите учесници за реализација на фестивалот, гостопримството, топлата и внимателна публика, како и неповторливата акустика на сценските простори, посебно во црквата Св.Софија. Тие постојано ја искажуваа својата почестеност што се дел од ова фестивалско издание, фестивал кој е еден од најзначајните европски фестивали, со голема традиција и одличен рејтинг. Воодушевени и од убавините на Охрид, уметниците изразија желба повторно да се вратат и да бидат дел од оваа манифестација, рече Ристов.

Според селекторот на драмската програма на „Охридско лето”, Александар Поповски, драмската програма на годинешното фестивалско издание, исто така, понуди квалитетни театарски претстави со театарски куќи, за кои оцени дека внеле свежина на фестивалот и оставиле силен печат врз публиката. Тој најави дека веднаш започнуваат подготовките за следното фестивалско издание.

– „Охридско лето” е врвот кога станува збор за културните манифестации во нашата земја. И она што не чека догодина се 60 години и навистина една преубава можност да започнеме нов круг и нова приказна со „Охридско лето”, рече Поповски.

На завршната прес-конференција, директорката и програмските селектори најавија дека следната година, по повод јубилејот на шеесеттото издание, „Охридско лето” ќе биде збогатен со нови содржини кои ќе ги потврдат и продолжат високите позиции што ги има оваа најголема музичко-сценска манифестација во земјата, што е дел од Европската асоцијација на фестивали.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close