Попоски: Доаѓа Јакоб – со себе носи врнежи

Влијанието на циклонот ЈАКОБ ќе се задржи и во петок кога на повеќе места повторно се очекуваат повремени врнежи од дожд на ниските, на повисоките и планинските места ќе врне снег.

Денес воздушниот притисок ќе бележи тенденција на брзо и значително опаѓање, тоа е најава за надоаѓање на новиот циклон ЈАКОБ. Времето сè уште ќе биде сончево и натпросечно топло со умерена локална облачност, ќе дува ЗАСИЛЕН ветер од јужен и од југозападен правец кој на некои места ќе достигнува брзина и до околу 80 км/час, вели во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“, метеорологот Славчо Попоски.

-Максималните дневни температури на воздухот ќе се искачуваат во интервалот од 13 до 21 степен. Кон крајот на денов и навечер од запад облачноста ќе се зголемува и во западните предели ќе започнат врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе има услови и за ретка појава на грмежи. Во Скопје и околината времето ќе биде сончево со умерена облачност, особено претпладнево а во текот на денов ќе дува умерен до засилен ветер од јужен и од југозападен правец. Максималната температура и понатаму ќе биде натрпосечно висока и се очекува да се искачи до околу 19 степени. Утре ќе има повремени врнежи претежно од дожд а температурите позначително ќе опаднат- вели Попоски.

Циклонот ЈАКОБ утре ќе предизвика врнежите да се прошират во најголем дел од државава. На ниските места ќе врне дожд, на повисоките места и на планините врнежите ќе бидат од снег, снежната граница ќе има услови на некои места да се спушти и под 1000 м.н.в, особено на запад и на север. На планините се очекува да се формира позначителна снежна покривка ( над 20 сантиметри). Максималните дневни температури утре ќе бележат тенденција на значително опаѓање и ќе се искачуваат во интервалот од 3 до 10 степени, во најтоплите предели истите се очекува да се искачат до околу 14 степени. Ќе дува умерен до засилен ветер од западен и од северозападен правец.

Влијанието на циклонот ЈАКОБ ќе се задржи и во петок кога на повеќе места повторно се очекуваат повремени врнежи од дожд на ниските, на повисоките и планинските места ќе врне снег. Особено на планините снежната покривка и понатаму ќе се зголемува. За време на викендот се очекува стабилизирање на времето. Исто така за време на овој циклон на некои места, особено на запад се очекува да наврне и позначително количество на воден талог (над 30 л/м2).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот