Поплаките на граѓаните за комуналните сметки стигнале и кај омбудсманот

ЈП Водовод и канализација/ Фото: МИА

Лани до народниот правобранител пристигнале 218 претставки за испитување на состојбата на заостанатиот долг, за овозможување склучување спогодби за плаќање на заостанатите долгови на рати, како и за неможноста на плаќање на долговите и редовните фактури.

Се прават последните калкулации и се собираат потребните податоци од сите претпријатија на државно и на локално ниво, кои треба да бидат преточени во законско решение кое ќе овозможи простување на каматите на долговите на граѓаните. Сепак, законот не е врзан со рокови, иако е дел од Петтиот пакет мерки, објасни неодамна во медиумско гостување вицепремиерот Фатмир Битиќи. Тој изрази надеж дека нема да има пречки за неговото изгласување во Собранието и тоа ќе се случи брзо, штом ќе влезе во процедура. Решението треба да опфати најмалку 180.000 граѓани на кои јавните претпријатија и другите државни компании и институции ќе треба да им ги избришат каматите на долговите, под услов тие да го платат долгот на 12 рати.

Граѓаните и синдикатите навиваат законот да се донесе во најбрз можен рок, сѐ со цел да се избегнат извршителите и блокираните сметки. Премиерот Зоран Заев уште лани посочи дека ова е и начин и јавните претпријатија да си го наплатат долгот.

– Имаме многу јавни претпријатија, државни и општински, кои не може да ги наплатат и редовните сметки поради тоа што ги книжат граѓаните како должници, а граѓаните не може и стари и нови сметки да плаќаат. Оттука намерата е да ги избришеме сите камати за долговите што се за физички лица, за граѓаните што допираат до државните и општинските институции – рече премиерот.
Долговите на граѓаните и нивните поплаки се најдоа и во најновиот извештај на Народниот правобранител, во кој посебен дел е отстапен и на правата на граѓаните како потрошувачи во секојдневното користење на јавни услуги од компаниите, јавните претпријатија и разни мобилни оператори. Според податоците, постапено е по 218 претставки од оваа област.

– Најголемиот број од претставките беа адресирани против работењето на ЕВН Македонија АД – Скопје и главно се однесуваат на исклучување од електродистрибутивната мрежа, или за барање за испитување на состојбата на заостанатиот долг, за овозможување склучување спогодби за плаќање на заостанатите долгови на рати, како и за неможноста на плаќање на долговите и редовните фактури. Голем дел од претставките беа поднесени против БЕГ, меѓу другото и поради регулирање на состојба на долговите – посочува Извештајот за 2020 година.

Од Канцеларијата на омбудсманот укажуваат и на практиката на несоодветно постапување на УЈП и особено на Градот Скопје, поради што на граѓаните што се јавуваат како даночни должници неоправдано им се загрозуваа како личната така и егзистенцијата на нивните семејства бидејќи тие подолг временски период остануваат без какви било парични приходи.

– Ова е бидејќи од нивна страна во постапките за наплата на радиодифузна такса, персонален данок, данок на имот или некој друг данок, решенијата за присилна наплата се изготвуваат исклучиво преку блокада на трансакциски сметки во банки, а не и на друг со закон предвиден начин (како, на пример, преку забрана на користење само на една третина од платата или пензијата на даночниот должник, кои му се исплаќаат од неговиот работодавач или од Фондот на ПИОМ) – се нотира во Извештајот.

Досега во земјава се донесени неколку измени на закони за отпис на камати и репрограмирање на долговите. Последниот датира од февруари за долгови до крајот на 2017 година и не ги опфаќа најавените долгови постари од три месеци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот