Пописот заврши – преживеавме!

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Со завршувањето на пописот, затвораме уште една тема што повремено го оставаше општеството „без сон“ со години наназад. Колку сме, толку сме, а сега ќе бидеме и утокмени!

Во цивилизирана, демократска атмосфера, без поголеми проблеми и возбудувања, пописот во Република Северна Македонија заврши. Што би се рекло, преживеавме во уште една (историска!?) победа на нормалноста во државава.

Во последните неколку денови се јавуваат и луѓе што очекувале, а не биле попишани. Од Државниот завод за статистика велат дека во ниту еден попис не е можна опфатеност од 100 проценти на населението, до последен човек.Во нашиот случај станува збор за неколку илјади адреси кои – однајразлични причини – навистина ќе останат непопишани, но тврдат дека таа бројка ќе биде помала и од очекуваната статистичка грешка во вкупните попишани податоци што ќе се коригира и со споредбено користењето на другите постоечки обемни регистри на населението во државата.

Сепак, и тоа ќе биде причина да сепродолжи со политички манипулации со „дознаваме“, „од извори вакви-такви“, „како што се слуша“, продолжено да се произведуваат од муви– слонови и да се пренесуваатдезинформации од разни „аналитичари“, „експерти“, европратеници и други провокатори од соседството и пошироко, кои ќе даваат изјави и судови за етничката застапеност во нашево население. Има цела една „ударна бригада“манипуланти, кои само тоа ги интересира: како да се поткопа доверливоста и сериозната аналитичност на податоците, пред да излезат официјалните информации за собраната и обработена статистика за нумеричките состојби во Македонија.

И среде пописот, во изминатите денови различни политички и граѓански претставници лицитираа со процентуалната застапеност на етничките групи во населението – ако не сме олку или толку, не ги прифаќаме резултатите од пописот!

Но, официјално, главниот „политички“ губитник кај нас од успешно завршениот попис е десничарската „Левица“.Таа остана единствената, до крај, со повици и активности за бојкот на попишувачите. И се обрука. Повикот им остана со ефект како кога гнило дрво ќе падне во прашума и никој нема ни да го види ни да го чуе, среде предизборна кампања на која се подготвуваат да освојат десетици илјади локални гласачи.Тоа ја потврдува и тезата дека нивниот изборен резултат ќе биде повеќе протестна реакција кон „големите“ две партии/коалиции во македонскиот партиски блок, одошто – на пример – ефективна поддршка на илјадници граѓани за бојкот на пописот. Граѓаните се позрели од партиите за тоа кога и за што треба да се протестира.

Досегашните официјално соопштени пописни податоци – попишани се нешто над два милиона граѓани и околу 560.000 домаќинства – не навестуваат спектакуларни промени во бројчаната „состојба на нацијата“ (за потсетување, пописот на населението во 2002 година констатираше 2.022.547 лица), иако обработката на податоците ќе покаже колкумина се тука, а колку наши државјани живеат надвор од земјата. Нивниот етнички состав ѝ е во центарот на интересот на политички нервозната јавност, но променетата динамика сериозните статистичари многу повеќе ја очекуваат во структурата на начинот на живот во земјава (урбано-рурална, земјоделие, образование итн.), отколку драматични промени во тоа кој каков јазик зборува или на кој бог му се моли (или воопшто не практикува верска активност).

Впрочем, тоа се клучните податоци за кои секој сериозен политичар би требало да биде заинтересиран, бидејќи тие треба да го диктираат распределувањето, по приоритети и стратегиски определби, на заедничките развојни ресурси. Македонија е земја со ограничени материјални потенцијали, парите се броени, но паметта е таа што повеќе недостасува – токму податоците од пописоттреба тој рационален дефицит за одредување на вложувањата да го насочат во вистински правец, низ јасна слика за квантитативната и квалитативната состојба на населението по општините.

Со завршувањето на пописот, затвораме уште една тема што повремено го оставаше општеството „без сон“ со години наназад. Колку сме, толку сме, а сега ќе бидеме и утокмени! Ќе ни останат доволен број други теми за несоница во нашата колективна општествено-политичка инсомнија.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот