Пописот за иселениците почна килаво

Фото: Слободен печат/ Ристе Пејовски

Со низа нејаснотии, дилеми и технички проблеми вчера по електронски пат почнаа да се самопопишуваат македонските државјани што живеат во странство, кои се жалат на слаба информираност.

Во земјава, пописот почна од кумановскиот затвор, од каде што власта рече дека сè тече во најдобар ред, а опозицијатa, повикувајќи се на собраните 100.000 потписи против одржување на пописот, најави дека ВМРО-ДПМНЕ преку своите 44 пратеници ќе поднесе пратеничка иницијатива за поништување на Законот за попис.

Искра Д., која пет години живее и работи во Белгија, се пожали што немало информативна кампања за македонските државјани во странство да се мобилизираат за учество во пописот.

– Случајно прочитав на македонските портали дека дијаспората се попишува. Не бев известена дека тоа можам да го сторам сама, претпоставував дека во мое име тоа ќе го направат моите блиски во Скопје. И поголемиот дел мои пријатели од западноевропски земји не беа запознаени со детали за пописот. Ја отворив интернет-страницата, го почнав процесот, но имаше полиња за кои не бев сигурна како да се пополнат. Ми беше побаран ПИН-код, но не успеав да дознаам кој треба да ми го испрати – вели Искра.

Многумина на социјалните мрежи реагираа дека пописната апликација не го прифаќа нивниот матичен број. Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски го потврди овој проблем, велејќи дека сега веќе е надминат, а ги опфаќал лицата родени по 2000 година.

– Агенцијата што ја изготвуваше апликацијата е должна во најкус можен рок да ги отстрани евентуалните проблеми при пристапот до апликацијата – извести Симовски.

Здруженијата на државјани на Македонија во странство активно повикуваат да се искористи оваа можност и обврска. Повици за попишување пристигнаа и од Исламската верска заедница.

– Граѓаните од Северна Македонија, особено од албанската заедница, немаат доволно информации како да се попишат – вели претседателот на Евроатлантско-албанското лоби од Германија, Скендербег Калиќи, и повика државата да се активира. Претходно, вицепремиерот Артан Груби на својот фејсбук-профил на албански повика на максимална свест и мобилизација.

Министерот за правда Бојан Маричиќ порача дека пописот се одвива според стандардите на Евростат и апелираше сите граѓани да се приклучат.

– Веќе е отворен и Регистарот за дијаспора на интернет-страницата на Заводот за статистика и, според моите информации, сè тече во најдобар ред – изјави Маричиќ, кој беше во посета на КПУ „Куманово“, каде што почнаа да се попишуваат и затворениците.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓија Сајкоски информира дека партијата за осум дена собрала 100.000 потписи против одржување на попис.

– Граѓаните одлучија, не сакаат политички попис – рече Сајковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот