Пописот во април во рацете на претседателот Пендаровски

За неколку денови ќе е познато дали долгонајавуваното пребројување на населението во земјава ќе се спроведе во април. Во моментов се зависи од одлуката на претседателот Стево Пендаровски, а од неговиот Кабинет информираат дека претстојниов период тој ќе се консултира со правни експерти, по што ќе се дознае одговорот на прашањето дали ќе биде потпишан указот за Законот за попис, кој веќе го помина собранискиот филтер.

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, изразувајќи увереност во законското решение вели дека нема да бдетешко донесувањето на одлуката.

-Очекувам дека претседателот Стево Пендаровски ќе го потпише Законот за попис, со што ќе биде комплетирана целата процедура околу овој закон. Не сметам дека правните експерти би наишле на недоследности во текстот, вели Симовски за „Слободен печат“.

Од друга страна, од ВМРО-ДПМНЕ го повикаа претседателот да излезе, како што велат, од сенката на Заев, и да не го потпише указот. Опозиционерите најавија дека доколку законот, за кој тврдат дека не е во согласност во стандардите на Евростат, сепак добие зелено светло од Пендаровски ќе преземат механизми за да го спречат одржувањето на пописот.

Од СДСМ, пак, потезите на опозиционерите ги оценуваат како антидржавно однесување. Социјалдемократите апелираат ВМРО-ДПМНЕ да ги преиспита одлуките за собирање потписи против одржувањето на пописот и да запре со повиците за бојкот.

Во меѓувреме, финализирањето на собраниската процедура за законот го поздрави амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мери Брнс.

-Многу сум среќна што Законот за попис помина во Парламентот. Уште повеќе што помина со поддршка на два опозициони партнери, и владината коалиција. Ова е важен чекор. Северна Македонија немала попис речиси 20 години, а тоа се одрази врз процесот на водење на политиките, вели Брнс, во интервју за Гласот на Америка, порачувајќи Владата да осигури дека професионалци ќе го спроведуваат пописот.

Симовски: Секој час е важен, мора да се повикаме на Законот

Првиот човек на ДЗС, Симовски вели дека се чека на зелено светло што поскоро, бидејќи сега сите процедури и одлуки за спроведување на статистичката операција „тапкаат во место“, затоа што би се засновале на законското решение, а меѓу нив е и огласот за попишувачи. Тој не очекува да има проблем со бројката на пријавени лица, но додаде дека при изборот ќе е значајно добро да се познава технологијата, со оглед на фактот што овој попис би се спроведувал на лаптопи. Прашан околу евентуалниот страв кај граѓаните предизвикан од пандемијата со коронавирусот, Симовски тврди дека сите мерки ќе бидат доследно почитувани.

-Во постојан контакт сме со Министерството за здравство. Ќе видиме дали Комисијата ќе ни препорача дополнителни протоколи, но и да ни препорача ние ќе ги удвоиме во спроведувањето. Имаме морална одговорност, а и самите ние имаме семејства и деца и не би си го ризикувале здравјето. Луѓето нека бидат спокојни, додава Симовски.

Во однос на најавените казни од двесте до триста евра за лицата што ќе одбијат да дадат податоци, директорот на ДЗС информира дека треба да биде препознаено тенденциозно делување, односно попишувачите да бидат „избркани“, по што веднаш би се реагирало.

-Нека не се хушка народот за бојкот, пописот е неопходен особено за економијата, заклучи Симовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот