4 C
Скопје

Пописот во АД Македонија

Ако се сомневате дека ќе ги штитат националните или државните интереси, немој ни за момент да се сомневате дека ќе ги штитат своите партиски интереси. Засега, такво „предавство“ на ниту една партија не ѝ паднало на памет.

Знам дека на опозицијата, секоја и секогаш, „во крвта“ ѝ е да ја обвинува власта дека нешто предава, продава или распродава, најчесто национални или државни интереси, богатства, наследства, традиции и слично. Ништо поинаку не беше и при донесувањето на Законот за попис, кој штотуку излезе од собраниската фурна. Со своите константни, а недоречени изјави за пописот како „политичка операција“, со безброј амандмани и барањето за апаратчиња за отпечатоци, Мицкоски и неговите компањони успеаја, барем кај дел од јавноста, да посеат семе на сомнеж дека нешто опасно се мати со пописот и со бројките. Дека бројките ќе се штелуваат („кај нас што не се штелувало?“) и тоа во прилог на Албанците, („ако не испаднат 20 отсто им пропаѓа Рамковниот“) дека и тие во странство ќе се „попишат“ во вкупната бројка, („зошто тогаш не прифаќаат отпечатоци?). Со други зборови, направен е уште еден „дил“ за распродажба на (македонските) национални интереси, односно уште едно предавство, заклучува бомбардираниот консумент на опозициски соопштенија и изјави.

Сакам да ги утешам, и опозиционерите, а и тие што им поверувале, дека нема ништо од тоа. Не затоа што нашите политичари на власт се нешто особено доблесни или принципиелни, туку затоа што тоа произлегува од природата, поточно од дефектите, на нашата „демокрација“. Еве зошто.

Прочитајте и...  Граѓаните не сакаат нови згради во Ѓорче, бараат да не се одобруваат ДУП

Како што е познато, Македонија по донесувањето на Охридскиот рамковен договор, е нешто што се нарекува консензуална демократија, или демократија со поделба на власта (power sherring). Теоретски, помеѓу сите „етникуми“ (колку грд збор), а во практика, најмногу помеѓу двата најбројни. Да заборавиме на момент колку преоѓањето на овој систем е назадно, речиси племенско, и да се задржиме на неговите практични последици. Во неговата основа е сфаќањето дека власта и политичката моќ, не се само учество во одлучувањето и решавањето на проблемите на граѓаните (за тоа никој не се тепа), туку пред сè и над сè привилегија, пристап до ресурсите на државата, буџетот, функциите, дискрециски овластувања, бизниси. Да бидеме искрени, тој пристап не се воведе со Рамковниот, си постоеше одамна, но со него се официјализира и се „бетонира“. Со секој изборен циклус, се поотворено се покажуваше дека политичката борба нема врска со „натпревар на идеи и програми“, туку со гол „лов на дивеч“ и негово черечење според принципите на „заслуги“ и „правична застапеност“. Трагите на таканаречениот „мерит“ систем, напредување на најспособните, му го отстапи местото на т.н. „споил систем“ во кој царува правилото „од кал да е – наш да е“. Нема функција, министерска, советничка, амбасадорска, нема директорско место во јавно претпријатие, во училиште гимназија, болница, инспекција, управа, културна установа или слично, кое некој ја добил (или задржал) само врз основа на своите стручни и професионални квалификации. Нема ни конкурс за вработување во јавна државна служба на кој однапред не е познато кој треба да „победи“ (ако не успее, ќе биде поништен). Само во таков систем, на поделба на „воениот плен“ беше можно луѓе да не работат ништо со години, а да земаат плата – затоа што биле дел од „правично“ распределениот „колач“. Важно е кој ќе ги земе платите, а работата и сработеното се споредни. Дури и распределбата на концесии, тендери, закупи и други зделки со државата, не е ослободена од поделбата по етнички клуч, најчесто далеку од очите на јавноста. Власта корумпира, поделената власт корумпира пропорционално!

Прочитајте и...  Подготовките за пописот продолжуваат, власта ја повика опозицијата да ја поддржи статистичката операција

Во таква ситуација, пописот и резултатите на пописот за политичките партии на власт се исто што и утврдување на акционерскиот капитал во некое акционерско друштво. Бројот на Македонците, Албанците, Ромите, Бошњаците, ќе биде главен документ во Централниот регистар според кој ќе се врши пропорционално крчмење на изборниот плен во АД Македонија РС, д.о.о. Во услови кога клиентелизмот е главен идеолошки производ на партиите, кога „око вадат“ за секое (преплатено) советничко местенце, вработување или тендерче, зарем ќе дозволат, некому да му „наместат“ поголем број „акции“ отколку што реално ги има, и со тоа „да им брцне во џебот“? Ако се сомневате дека ќе ги штитат националните или државните интереси, немој ни за момент да се сомневате дека ќе ги штитат своите партиски интереси. Засега, такво „предавство“ на ниту една партија не ѝ паднало на памет.

Прочитајте и...  Моето интервју со Мијалков

 

Поврзани вести

Врие во партијата на Али Ахмети: Од пресметките во ДУИ се „дезинтегрира“ Собранието

Весна Тодоровска

Мешовита комисија: Културен натпревар во молчење за Гоце

Како Балашевиќ ги малтретирал Албанците во Југославија и кој најмногу страдал од „големосрпскиот хегемонизам“

Мухарем Баздуљ

ССНМ со силна осуда за нападите врз новинарите и медиумските работници на протестите против пресудите за случајот „Монструм“

Слободен печат

МВР: Откриени полицајците кои малтретираа новинари на протестите против пресудите за „Монструм“

Слободен печат

ВИДЕО | Брат Љубе му се обрати на Мијалков: Плови Саша…

Слободен печат

Остави Коментар