Пописот успешен, резултатите за шест месеци

Попис 2021
Попис 2021 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Вкупно 1 832 696 лица, 568 175 домаќинства и 837 255 станови се евидентирани со Пописот што официјално заврши вчера, а траеше 26 дена, почнувајќи од 5 септември.

Во дијаспората се самопопишале 204 805 македонски државјани, најмногу од западноевропските, а многу помалку од прекуокеанските земји.

Резултатите се очекува да бидат објавени до крајот на март 2022 година, за шест месеци од денот на завршувањето на Пописот.

Како што соопшти синоќа директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски, занемарувачка е бројката на оние граѓани кои одбиле да се попишат, но деновиве ќе биде собрана и точно ќе се знае колку се. Против нив ќе бидат покренати соодветни постапки. Бројката е занемарувачка, рече Симовски, и може да се изрази во промили, не во проценти.

– Пописот е целосно успешно спроведен. Земјава покажа дека има капацитет да спроведе ваква тешка статистичка операција. Сите домови беа посетени, сите граѓани беа дел од пописот, а оние кои не беа опфатени, а се дел од базите на податоци, ќе бидат дел од пописот, истакна Симовски.

Тој информира дека со комбинираниот метод се овозможи ефикасно следење на попишувањето.

– Со помош на технички алатки се овозможи ефикасно следење на попишувањето и опфатот на единиците на пописот на терен. Изразено во бројки, тоа значи дека од опфатените објекти за живеење 91 процент беа предмет на попис, а девет проценти се објекти кои не се предмет на попис. Сите објекти кои беа предмет на попис беа посетени по неколку пати. Онаму каде што по неколкукратните обиди не се оствари контакт со граѓаните, тие беа повикани да се попишат во седиштата на општините. Оние кои тоа не успеаја да го направат, сепак ќе бидат дел од пописот, бидејќи се очекува да ги има во некоја од базите што ќе се користат при обработката на податоци, така што со сигурност знаеме дека целосно и успешно го опфативме населението кое во овој момент живее во државата, рече директорот на ДЗС и најави дека во наредниот период ќе продолжат следните фази од пописот.

Тој објасни дека прво, комисиите на пописните реони треба да ги финализираат завршните активности – прибирање на лап-топите, останатите пописни материјали и нивно враќање во Заводот, а потоа ќе почне процесот на обработка на податоците според утврдена програма и Акцискиот план.

И премиерот Зоран Заев синоќа, од изборниот караван во Гевгелија, соопшти дека земјава по 20 години, спроведе успешен попис.

– Попишани се преку 99 отсто од граѓаните. Покажавме кој има капацитет, а кој нема. Сега, во една рака ни е НАТО, а во другата успешниот попис. Ова се гигантски проекти, направени на дело, подвлече Заев.

Според министерот за правда, Бојан Маричиќ, пописот е успешен, а бројките покажаа дека бојкотирањето не наиде на голема поддршка.

– Задоволен сум што успеавме да ја реализираме оваа операција и покрај сите проблеми со кои се соочивме. Податоците за граѓаните се земаат од седум бази кои претставуваат појдовна основа за теренскиот попис. Честитки до Заводот за статистика, бидејќи направи максимални напори повеќе пати да отиде на некои места и да ги убеди граѓаните да се попишат. Навистина е мал бројот на граѓаните кои не се опфатени или одбиле да се попишат. Тие кои не се опфатени, ако ги има, се на граница на статистичка грешка и тоа се случува во речиси сите држави, рече Маричиќ во телевизиско гостување.

Тој додаде дека со оваа бројка на попишани граѓани нема потреба Законот повторно да се врати во Собрание и да се расправа за него, во екот на предизборната кампања.

Апликациите за попишување во земјата и за самопопишување на дијаспората беа затворени синоќа во 20 часот. Со тоа завршија пописните активности во рамки на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021.

Државниот завод за статистика во следните неколку дена треба да ги направи последните проверки и да ги сумира податоците, како и техничките активности на раздолжување на попишувачите.

Пописот 2021 се спроведе под строги здравствени протоколи и во услови на ковид-пандемија, соглано нова методологија на ЕВРОСТАТ и првпат со комбиниран модел – освен прибирање податоци директно од населението на терен, се користеа и податоци од т.н. претпописна база, каде со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваа сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот