Пописот е непријател на мирот во Македонија

Фото: Слободен печат

Пред неколку дена прочитав некаде дека во меѓувреме попис е спроведен и во Сомалија, па Македонија остана единствената земја во светот без организирано пребројување на населнието, домаќинствата и сè останато што го содржи оваа статистичка операција.

Знам дека историјата е здодевна, но има една лекција што ми е омилена. 575(цирка) година п.н.е., кралот Сервиј Тулиј го спроведува првиот попис на жителите на градот Рим. Попишани се главите на семејствата, нивните жени, деца, робови, имотна состојба и нивното потекло.

Кралот добил точен увид во тоа колку луѓе живеаат во градот, колку мажи и момчиња се обврзани да служат во градските легии, колку жито е потребно да се нахранат граѓаните и колку данок треба да соберат даночниците.

Сервиј Тулиј е шестиот по ред крал на Рим, а кралската лоза се прекинува кога осмиот во низа – Лукиј Тарквиниј Гордиот е соборен од власт од незадоволните граѓани, кои прогласуваат република. Кралската тиранија е укината, апсолутната власт на монархот е заменета со конзулската функција, сенатот и народното собрание. Сите закони, традиции и обележја на кралската власт се укинати. Исклучок од ова е пописот. Во наредните илјада години, римските цензори ќе продолжат да го попишуваат населението на градот и империјата, обавувајќи ја најсветата функција во републиката, а потоа и во царството.

Историчарите се согласни дека спроведувањето на првиот попис во Рим е најбитниот предуслов за неверојатниот развој на градот, чии жители, потомци на ридските латински племиња, ќе ја создадат најблескавата империја на сите времиња.

Пописот се спроведувал на интервали од десет години, над целата територија освоена од римските легионери. Одговорни за пописот биле цензорите, фукнција која се сметала за највисока во административната хиреархија. Цензорот имал мандат од седум години, а во време на пописот, ниту еден граѓанин на Рим, без разлика на угледот и функцијата не смеел да му ја затвори вратата од својот дом. Цензорот ја проценувал вредноста на имотот на граѓаните, според што бил плаќан данокот, на база на цензорските податоци биле пополнувани листите за сенатските избори, за назначувањето на нардоните трибуни, магистрите(судии) и останатите пониски административни функции. Цензорите (вкупно седум) се избирале на непосредни избори, а пред да почнат да ја обавуваат функцијата биле обврзани да принесат жртва во храмот на Јупитер. По завршувањето на нивниот мандат, бившите цензори немале право да конкурираат за друга државна функција, но ја уживале почитта на своите сограѓани до крајот на животот.

Во модерно време врските со стариот Рим можат да се пронајдат на многу места, но пописот е една од институциите, која речиси во целост е пренесена од дамнешните времиња и само со мали промени и иновации се спроведува во сите земји во светот. Пардон, во речиси сите земји од светот. Да, Македонија е единствната на планетата Земја, да повторам единствената, каде нема попис цели 17 години. Ние не знаеме колку луѓе живеат во земјава, колку од нив се  иселиле во меѓувреме во странство, ниту пак можеме со сигурност да утврдиме каква е имотната состојба на македонските семејства.

Идните историчари веројатно ќе бидат согласни дека неспроведувањето на пописот во Македонија е најбитниот предуслов, за децениското назадување на економијата, животниот стандард, сомнежот во исправноста на изборниот процес итн. Долг ќе биде списокот на историчарите, кога ќе ги набројуваат пропуштените шанси на Македонците од „далечниот“ 21. век, бидејќи нивните политичари не можеле да се договорот кој да попишува. Знаете Македонците немале цензори, ќе стои во експозето на некој млад историчар, кој за дипломска работа ја добил темата:„Цивилизацискиот пад на Македонецот и стравот од пребројување“.

Македонија пропадна во оној момент, ќе објасни младиот дипломец, кога партиските лидери не сакаат да се дознае колку точно луѓе гласале за нив во последните 17 години. Колку мртви, неродени и иселени мавтале со партиските знамиња, чувајќи го неопходниот процент за соживот, владина коалиција и меѓуетничката идила. Мирот во Македонија е проектиран на 20 проценти и така мора да биде, сè додека и последниот граѓанин не биде попишан во Германија, Швајцарија, Австралија или Канада. Од пред некое време попишуваат и во Сомалија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот