Попишувачите гарантираат безбедност, а бојкотот казна

Повикувајќи се на Уставот, некои опозициски политичари од вчера почнаа да ги повикуваат граѓаните да не ги пуштаат попишувачите во своите домови, затоа што ќе се изложат на ризик од ковид-19. Според нив, Уставот ја гарантира здравствената заштита, но правници укажуваат дека тоа е многу грубо и догматско толкување и ги потсетуваат дека повикувањето на несоработка со државен орган е кривично дело.

Според претседателот на Левица, Димитар Апасиев, Законот за попис среде пандемија и прогласена кризна состојба е спротивен на чл. 39 ст. 2 од Уставот.

– Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите! Значи, јас – по сила на Устав – сум должен да не ги примам попишувачите дома среде епидемија, оти може да ме заразат со коронавирус – објави Апасиев на Фејсбук.

Правни експерти кои ги консултираше „Слободен печат“ велат дека ова толкување е догматско и произволно, а однесувањето на Апасиев внесува страв и немир кај граѓаните.

– Како пратеник тој има одговорност да го почитува и спроведува Законот за попис, па и секој дури и најлош закон, независно од тоа дали гласал за него или не. Како лидер на партија нема право да повикува на побуни и непочитување на законите, на државните органи и на службените лица, бидејќи тоа е кривично дело. Доколку тоа го прави надвор од собраниската говорница, тоа не подлежи на заштита од пратеничкиот имунитет – вели поранешниот пратеник Павле Богоевски.

Во меѓувреме властите уверуваат дека попишувањето ќе биде спроведено според сите здравствени протоколи, како во времето на најголемиот „пик“ од епидемијата, кога на ден имаше и по повеќе од илјада новозаболени од коронавирусот. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека е постигнат консензус на ниво на Светската здравствена организација (СЗО) дека ниту еден процес и постапка не треба да запре, туку треба да се спроведува со протоколи, кои се универзално прифатени во сите земји.

Според директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски, здравјето на граѓаните, но и на попишувачите ќе биде максимално заштитено.

– Ние сме должни да ги почитуваме сите мерки за заштита и нема да доведеме во опасност ниту едно домаќинство. Протоколите ќе ги дефинира Комисијата за заразни болести, а ние во целост ќе ги почитуваме. Попишувачите со себе ќе носат по неколку заштитни маски, кои ќе ги менуваат при влегувањето во секој дом, а ќе носат и средства за дезинфекција. Во домовите во кои ќе има позитивни од коронавирусот, попишувачите ќе влегуваат со посебна облека, со здравствени скафандери – опишува Симовски.

Тој потсетува дека во Законот за попис има казни и за попишувачите, но и за граѓаните што нема да соработуваат.

– Пописот ќе се спроведе во април, кога сите очекуваме да има подобри временски услови, кога граѓаните нема да бидат затворени во своите домови, а дотогаш ќе бидат вакцинирани и дел од граѓаните – вели Симовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот