ИНТЕРВЈУ Поп Ацев: Имаме таленти за врвни резултати

фото: facebook.com/National-Swimming-Federation-Национална-пливачка-федерација

Најдобриот македонски маратонец победи на трка од Македонскиот куп во далечинско пливање во Охрид во која настапија само наши пливачи и задоволен е од младите таленти што ги виде.

Светскиот првак во ултрамаратон Евгениј Поп Ацев пливаше минатиот викенд во Охрид на трка од Македонскиот куп во далечинско пливање, на патека од 2,5 километри. Сезонава во Светскиот куп во ултрамаратони (трки над 25 км) на ФИНА е откажана поради коронавирусот (вклучително и меѓународниот Охридски маратон), па за Поп Ацев ова беше прва трка летово.

Тој не може да ја брани светската титула во ултрамаратони освоена лани и добро му дојде оваа локална трка во организација нашата Национална пливачка федерација, иако и патеката (2,5 км.) и конкуренцијата не беа на неговото натпреварувачко ниво.

Какво е чувството да се плива на патека од 2,5 километри, по трките од Светскиот куп кои се со патеки над 25 км. и во конкуренција со најдобрите светски маратонци?

– Пливав, но таа трка во Свети Наум не беше аматерска, туку беше Македонски куп во далечинско пливање, пливаа нашите најдобри натпреварувачи од сите категории. Инаку, многу сум среќен што можев да се натпреварувам по толкава пауза и е многу добро чуство повторно да сум дел од маратонска трка, па нека е и пократка. Иако не е на ниво на големиот маратон, сепак многу е значајна за мене и за сите други пливачи особено за помладите.

Македонски куп: Триумфи на Поп Ацев и Петровска на втората трка во Охрид

Дали на трката во Охрид видовте некој талент што ќе ја продолжи традицијата на врвни светски маратонци во која сте вие, Томи Стефановски и многумина други пред вас?

– Со организација на вакви натпревари сигурно ќе излезе некој талент и ќе почне да прави успеси како нашите, но и поголеми. Има повеќемина млади пливачи кои пливаат добро во базен и се во можност тоа да го искористат да станат и добри маратонци, така што сигурен сум дека маратонското пливање има светла иднина. Има уште неколку трки од Македонскиот Куп во далечинско пливање и на крајот ќе се издвојат неколку имиња.

Дали со откажувањето куповите во маратон и улрамаратон на ФИНА комплетно ви пропадна сезонава?

– Сите трки во рамки на ФИНА и ЛЕН се откажани, но има неколку трки кај нас на национално ниво и некои меѓународни. Се надевам на учество на маратонот Капри-Наполи кој е во план да се одржи, секако надвор од рамките на ФИНА. Тоа би бил единствен меѓународен настап оваа сезона за мене – вели Поп Ацев.

По учеството на трката во Охрид се врати во Британија каде што живее. На трката во Охрид, зад Поп Ацев се пласираа Филип Деркоски и Александар Илиевски. Кај дамите Ева Петровска заврши пред Јана Костадиновска односно Миа Еминова Блажевска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот