Понудата на стари возила се намали, цените скокнаа нагоре

автомобили
автомобили / фото: EPA/EFE

Трговците изјавуваат дека сѐ потешко доаѓаат до квалитетни возила од Германија, Италија или од Белгија, бидејќи и тамошните дилери немаат што да им понудат. Причината е што граѓаните од овие земји не ги продаваат своите користени возила, бидејќи за да се подноват, мора да чекаат од 6 до 12 месеци

На автоплацовите им се „бројат ребрата“, што ќе рече понудата на половни возила е драстично намалена, а цените на она што се нуди се забележително повисоки од пред неколку месеци. Трговците изјавуваат дека сѐ потешко доаѓаат до квалитетни возила од Германија, Италија или од Белгија, бидејќи и тамошните дилери немаат што да им понудат. Причината е што граѓаните од овие земји не ги продаваат своите користени возила, бидејќи за да се подноват, мора да чекаат од 6 до 12 месеци. За сѐ е виновно намаленото производство на микрочипови од Кина, а кои се вградуваат во новите автомобили. Според странските медиуми, во моментот половните автомобили во Германија, кои се користени една година, се поскапи од цената за која се купени! Странските дилери прават список на чекање што се протега до напролет и сѐ помалку има вакви автомобили и за македонските автоплацови. 

Неколку месеци трае ваквата ситуација, партнерите немаат што да ни понудат, а она што  е на лагер е поскапо од една до две илјади евра. Цената на половните возила почна да расте уште лани, првично за десетина проценти поради пандемијата и падот на побарувачката, а оттогаш наваму е сѐ полошо. Набавката на некои модели стана поскапа за 20 до 30 отсто. Она што сега се нуди на странските автоплацови не одговара на квалитетот, ама некои колеги купуваат дури и малку потчукнати и изгребани возила, што порано не беше случај – велат автодилери од Скопје за „Слободен печат“.

До септември во земјава се увезени вкупно 33.660 автомобили, од кои 4.381 нови, а 26.332 половни, покажува царинската статистика. Интересно е што од март до јуни бројот на увезени половни возила во просек се движел над 3.000, а во август и септември годинава, се симнал на по 2.300. Ова се совпаѓа со состојбата што за „Слободен печат“ ја претставија дел од сопствениците на автоплацеви, кои сепак не се волни многу да зборуваат за ваквиот недостиг опишувајќи го „како моментален“ за да не ги изгубат купувачите.

Ако ги прашате на што се должи поскапувањето, увозниците на половни возила ќе ви се пожалат дека освен набавната цена и транспортот, зголемени се и давачките за издувните гасови CО2. Последните законски измени пропишаа скалесто зголемување на вредноста на коефициентот на емисии на јаглерод диоксид и тоа за 25 проценти за оваа година, како и дополнителни 25 проценти за догодина. Целта е да се изврши постепено приспособување на нашиот пазар на половни моторни возила со европскиот, каде што има зголемено оданочување на возилата со повисоки емисии на CО2.

Новиот данок го намали увозот на половни возила

Може да се каже дека новиот данок на моторни возила од 2020 година, ги исполни  планираните очекувања – за задржување на царинските приходи, но и за намалување на увозот на половни возила. Податоците на Царинската управа покажуваат дека ако во 2019 година биле увезени околу 38.000 половни возила, нивниот број лани се свел на 24.000, или 12.000 половни возила помалку во однос на 2019 година. Трендот на намалување продолжи и годинава. Од 2010 до 2020 година пазарот беше преплавен со половни возила.

Законот за данок на моторни возила беше донесен на средината на 2019 година, а почна да се применува лани од 1 јануари. Данокот на моторни возила ја замени досегашната акциза на патнички моторни возила и ја смени пресметката на данокот во однос на досегашната акциза што се плаќаше во зависност од вредноста на возилата.

И за електровозилата нема чипови

На есенскиот Саем за автомобили во Минхен речиси и да немало понуда на автомобили на бензин и на дизел, на сметка на електричните, со оглед на фактот дека тие ќе бидат задолжителни во големите европски градови до 2030 година. За жал и за овие модели нема чипови, па нивното производство се одолговлекува, иако во повеќето европски држави субвенциите за набавка на едно вакво возила се речиси половина од неговата цена.

Целта на Европската комисија е до 2030 година уделот на полупроводници и чипови произведени од европските компании да достигне 20 отсто од светскиот пазар, изјави претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен за „Зидојче цајтунг“.

– Цели фабрики во Европа се затворени бидејќи нема доволно чипови – потсети таа, истакнувајќи дека продажбата на автомобили во ЕУ паднала за 25 отсто во споредба со септември 2020 година, иако немало проблеми со побарувачката.

Видео на денот