Понижени, навредени, победници?

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Линијата на фронтот на започнатиот изборен судир во Македонија – под претпоставка дека во април навистина и ќе има избори, со оглед на разни евро-атлантски датумски лицитации – е поставена: ВМРО-ДПМНЕ во наредните пет месеци ќе (продолжи да)  тврди дека сè е катастрофа, криминал, предавства, лаги и слични ужасии; СДСМ ја извади изборната лопата од подрум (и тоа од оние големите, за чистење снег!) и почна од буџетот да ветува и да префрлува пари за покачувања на плати, субвенции, пензии, додатоци и сл., како годинава Нова година да е дојдена во ноември, а прославата како да ќе потрае до април!

На тоа треба да се додадат уште две работи…

Прво, „француската компликација“ со добивањето датум за отпочнување преговори со ЕУ делува како неочекуван  мобилизатор во редовите на најголемата владејачка партија којашто, инаку, е историски позната по својата опуштеност и лежерност секогаш кога одела на избори од позиција на власт – во последниов месец се растрчаа градоначалници, директори и директорчиња, општински комитетлии и слични, необично активно „газат“ на терен, оти изгледа им дојде од газот во главата дека изборниот успех не расте на гранка, а ти седнат во сенка со отворена уста и, лабаво, чекаш победата да ти падне орално… Нормално, неизвесно е дали СДСМ има кондиција тоа темпо да го издржи и интензивира уште цели пет месеци! Мрзеливоста кај нив никогаш не треба да се потцени.

Второ, Макроновиот „нож в грб“, за Зоран Заев може да делува изненадувачки изборно поволно, доколку овие што ги водат односите со јавност на СДСМ ја одработат „приказната на жртва“ како што треба: Ете, човекот направи сè што го натераа да прави, се намачка со сите „лепешки“ што му ги истурија врз глава, се ракуваше и миреше и со оние кои, буквално, му работеа за глава, ама проклетите антимакедонски странски заговори на крајот го изиграа, срамно го излажаа, го понижија и навредија! Нив срам да им е, а на Заев алал да му е, машки до крај! … Или така некако.

Не ја потценувајте силата на понижувањето кое секој гласач може да го персонализира, а потоа, за изборни потреби, да го вклучи инаетот и, низ национална катарза, да гласа за „паднатиот херој“… Во македонската историја хероите и инаку, речиси без исклучок, ни завршувале како жртви на разновидни предавства и изневерени големи идеали, за што уште повеќе ги славиме. Заев, скоро по дефиниција, е модел на идеалист со прогресивно неизвесен крај.

Затоа и се чини дека опозицијата ја има погрешено насоката („на крив пат“?!) по која се движи во надеж за изборен успех: и покрај совршената пропагандна машинерија за ширење дискредитации и лоши и лажни вести, оваа стероидна опозициска кампања составена од баби-нарикачи за секоја тема и за секој проблем го нема потенцијалот за поттикнување масовна јавна амнезија за фактот кои се причините и кои се оригиналните актери за најголемиот број проблеми за чие решавање, без сомневање, сегашната власт не покажува вештина и знаење на потребното ниво.

Во таа смисла, слушам од опозициски извори дека, наводно, советот од Будимпешта до актуелниот врв на ВМРО-ДПМНЕ е што поскоро опозицијата да формира влада во сенка, составена од луѓе од кои две-третини би биле непартиски експерти и интелектуалци, кои би понудиле и некаква свежа и кредибилна визија за иднината, а не само плачки и театрални кукумјавки од партиската говорница. Чекор во таа насока може да беше и неодамнешното проширување на советничкиот тим околу Христијан Мицковски. Но, оценката на Будимпешта е дека сето тоа не е ни доволно политички решително, ни задоволително кадровски радикално за, навистина, да даде поволен изборен резултат, особено меѓу разочараните „непартиски“ гласачи од работата на оваа власт.

Декември е месецот кога ваквата опозициска стратегија дополнително ќе се „пегла“, можеби и со дискретна предновогодишна „средба на врвот“ на некоја локација во Будим или Пешта.

Доколку во опозицијата стигнат до согласност во оваа насока, предвремените избори можеби и ќе понудат нешто поинтересна содржина од сегашните предвидливи, здодевни, непродуктивни, а секојдневни напади и контра-напади кои се закануваат тотално да нè задушат со најсмртоносната доза на отровни политички пи-ем-честички. Ако тој исход не е, всушност, целата стратегија!

Извор: Цивилмедиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот