Помпео побара Русија да му ја откаже поддршката на Мадуро

Фото: Принтскрин

Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска во Сочи побара од Русија да прекине се поддршката на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.

На заедничката прес-конференција со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров по нивната средба, Помпео изјави дека Мадуро „не му донел ништо друго на венецуелскиот народ освен мизерија”.

– Се надеваме дека поддршката на Русија за Мадуро ќе прекине, изјави Помпео.

Тој нагласи дека САД сакаат „сите земји што се мешаат во Венецуела, да престанат да го прават тоа” и во оваа латиноамериканска држава да се врати демократија.

– Таму се потребни слободни и фер избори, без мешање на која било друга држава, порача Помпео.

Лавров од своја страна порача дека заканите од страна на американската Администрација кон венецуелските власти „немаат никаква врска со демократијата”.

Тој нагласи дека Русија го поддржува дијалогот во Венецуела и смета дека Венецуелците треба сами да ги решат спорните прашања без ултиматуми и предуслови, бидејќи „демократијата не би требало да се воспоставува со сила”.

– Американската интервенција за демократија во Ирак и Либија во првата деценија на овој век не донесе ништо добро, истакна Лавров.

Осврнувајќи се на тврдењата на весникот „Њујорк Тајмс” дека САД планираат да испратат 120.000 свои војници на Блискиот Исток, поради ескалацијата на тензиите со Иран, Лавров нагласи дека тие се неосновани, имајќи пред вид дека во регионот „и онака веќе има доста различни конфликти”.

Лавров истакна и дека Русија, Кина и европските земји потписнички на Договорот за иранската нуклеарна програма, ќе продолжат со контактите со САД околу ова прашање и покрај одлуката на Вашингтон за повлекување од спогодбата.

Шефот на руската дипломатија нагласи и дека Русија верува оти може да се договори за САД за продолжување на новиот Договор за намалување на стратешкото оружје (СТАРТ), чија важност истекува во 2021 година.

Според Лавров, Москва е заинтересирана за нормализација на односите со Вашингтон врз основа на меѓусебно почитување.

– Уверени сме дека тоа е можно и реално доколку дијалогот се базира на меѓусебно почитување и уважување на интересите, додаде Лавров.

Двајцата шефови на дипломатии информираа дека на нивната средба станало збор за билатералните односи, за случувањата во Венецуела, Сирија, Украина и на Корејскиот Полуостров и за Договорот за иранската нуклеарна програма.

Според најавите, по средбата, Лавров и Помпео треба да се сретнат со рускиот претседател Владимир Путин за да го информираат за резултатите од нивните разговори и да разгледаат и други прашања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот