Помошта за плати треба да продолжи, кредитите не се алтернатива

Фото: Janusz Pieńkowski / Alamy / Alamy / Profimedia

Поради пролонгирање на корона-кризата, ликвидноста на компаниите е сѐ уште загрозена, ставајќи во опасност голем број работни места, оценува Институтот за економски анализи и истражувања „Фајненс тинк“. Оттаму се сложуваат дека помошта за плата е доволна заклучно со март, како што најави и премиерот Зоран Заев, но под услов процесот на вакцинирање значајно да напредува до јуни 2021. Премиерот Заев рече дека февруари и март се последните месеци на кои компаниите може да сметаат на директна финансиска помош, затоа што веќе се случува „економски рестарт“ и мерките треба да се насочат кон зголемување на продуктивноста и конкурентноста на компаниите.

Во однос на изборот меѓу поддршка за плати и бескаматни кредити, „Фајненс тинк“ смета дека е соодветно да има таков избор и исклучување на едната со другата мерка, но дека така не треба да биде во сите случаи.

„Бескаматните кредити се однесуваат повеќе на фазата на закрепнување, фаза во која сѐ уште не се наоѓаат значаен дел од компаниите во туризмот и угостителството и дел од компаниите во некои гранки од преработувачката индустрија (кои тргуваат со земји што се сѐ уште во значаен локдаун). Бескаматните кредити би предизвикале поттик во унапредувањето на технолошкото ниво, посебно кај извозниците во преработувачката индустрија. Дополнително, бескаматни кредити како замена за поддршка на платите може да се понудат само со исклучително строга контрола на трошењето на тие средства за задржување на работниците, за што државата ќе треба да потроши многу ресурси (интензивен ангажман на Управата за јавни приходи и Државниот инспекторат за труд), но без гаранција за крајниот ефект“, велат од Институтот.

„Фајненс тинк“ даде позитивни оценки за мерките укинување и намалување на царински стапки и ревидирање на Царинскиот тарифник, за формирање Фонд за поддршка на извозни компании, за грантови за кредитни гаранции за мали и средни компании и мерки за дигитализација.

За простувањето на долговите, односно за најавата за бришење камати за долгови постари од 3 месеци за јавните претпријатија, „Факненс тинк“ укажува на потребата од голема внимателност при дизајнирањето ваков тип мерки.

„Додека простувањето долгови може да биде есенцијално во амортизирањето на загубите и за товарот врз ликвидноста во текот на пандемијата, овие мерки се подложни на морален хазард. Ваквите мерки може да го променат однесувањето на примателите на помошта во поглед на нивната зависност од неа и нивно идно поризично однесување, очекувајќи дека повторно ќе добијат ваква помош“, предупредува „Фајненс тинк“.

Во однос на помошта за земјоделците, Институтот смета дека таа поинаку треба да се реши, и директна помош во плата да добијат и земјоделците. Владата, пак креираше мерки за поддршка на тутунари и извозници на грозје. „Фајненс тинк“ смета дека парцијалната поддршка на земјоделците создава погрешни очекувања за постојана компензација на незадоволството од пазарните услови кај одделни групи производи, за коишто пак и не постои гаранција дека се тесно и директно поврзани со ковид-19 кризата. Наместо тоа, кон фактот дека земјоделскиот сектор беше еден од најпогодените од кризата треба да се пријде со приспособување на тековните мерки, за тие да ги опфатат и земјоделците, особено мерката „14.500 денари по работник“, како и кредитните гаранции, фондот за извозници и евентуално воспоставување еднократни грантови за мали земјоделски стопанства“, предлага „Фајненс тинк“.

Можен е ребаланс на Буџетот

Доколку има потреба за реализација на дополнителниот сет средства, ќе има ребаланс на Буџетот, најави министерот за финансии Фатмир Бесими.

–  Уште при проектирањето на Буџетот за оваа година, издвоивме 50 милиони евра во ковид-програмата, исклучиво за мерките и според динамиката, мерките ќе се реализираат во првата половина од годината. Најавивме и минатата година дека како што ќе следи годината, ќе имаме соодветна корекција на Буџетот, односно ребаланс доколку има потреба. Ние сме во рамките на проекциите на ММФ, Светската банка и Европската комисија за економските движења, па затоа во Буџетот имавме оптимистички и песимистичка варијанта – појасни Бесими.

Само компаниите што ќе инвестираат нема да ја враќаат помошта

Фирмите нема да ги враќаат средствата од мерката за финансиска поддршка за исплата на плати за февруари и март, доколку ги инвестираат во раст и развој.  Но, за разлика од досега, сите други ќе ја вратат половина од финансиската помош за плати.

– Досега оваа мерка можеа да ја користат компаниите што покажале успех и кои од нивната добивка требаше да ја вратат финансиската поддршка, додека тие што не прикажаа добивка во текот на 2020 година, беа ослободени целосно од износот, ако притоа ги исполнат сите давачки кон државата. Новината во овој пакет е дека без разлика дали покажуваат загуба или успех, 50 отсто од субвенциите согласно законот треба да ги вратат следната година. Но, ако тие средства ги инвестираат наредниот период во раст и развој, тогаш ќе бидат ослободени целосно – рече министерот за финансии Фатмир Бесими.

ВМРО-ДПМНЕ: Мерките се за замајување на јавноста

Предложените мерки се за замајување на јавноста и нема да придонесат за подобрување на економската ситуација во Република Македонија, оцени Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ.

– Владата требаше да се обврзе дека до крајот на јули оваа година ќе обезбеди вакцини за најмалку милион граѓани на Република Македонија, односно најмалку два милиони дози од истите. Без ова, попусто се трошат скапо позајмени пари од надвор, што ќе се враќаат со уште повисоки каматни стапки во иднина – рече Славески.

Тој оцени дека сега е несоодветно да се дава поддршка за плати, а услов да биде пад на приходот од 30 проценти, затоа што голем број претпријатија веќе се приспособиле, за даночните одложувања смета дека е подобро да има даночни олеснувања за самостојните вршители на дејноста, ослободувањата од царини ги смета за селективни и без анализа, а забелешки има и за забраната за користење кредит од развојната банка во случај на субвенции за плата за дејностите на кои им се забрани да работат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот