Помеѓу новото и познатото
Често инспирацијата за пишување ми доаѓа на аеродром. Додека го чекам летот за „назад“, тврдото аеродромско столче се покажува како одлично место за рефлексија. Ги гледам луѓето околу мене: некои заминуваат кон Рим на студирање, некои патуваат за да прослават роденден, а веројатно има и такви како мене, кои се враќаат дома.
Препорачано
Многумина од нас се отселивме од Македонија и започнавме нов живот на ново место, обидувајќи се да изградиме нови навики, ново секојдневие. Во новиот град го бараме нашето ново омилено кафуле, паркот каде што најчесто ќе одиме со децата, супермаркетот каде што откриваме нови производи кои кај нас ги нема. Ја бараме и тука маалската фризерка, која, исто како дома, со леснотија веднаш ќе знае како да нѐ среди. Го купуваме маалскиот весник и ги читаме вестите за животот таму. И тука има маки и тажни приказни, но сè уште не ни се толку блиски. Треба време за туѓата болка да почне да боли, онака како што нè здоболуваат тажните вести од дома. И така, ден по ден, се обидуваме да се задомиме. Се чини дека сè оди според планот: новиот живот полека се гради, новата рутина си го наоѓа своето место. Но потоа, еден ден, без најава и без причина, доаѓа носталгијата. Тивка, упорна и тешко поднослива, длабока потреба за местото и луѓето што ги оставивме зад себе.
Да, се отселивме во потрага по подобар живот. Тука системот функционира, околината е поуредена и почиста, луѓето можеби попристојни и покултурни, платата посигурна, а воздухот почист. Од терасата гледам на дрворедот палми. Улиците не се полни со дупки, оградите се уредно поткастрени, полицајците се професионални, а правилата важат за сите. Сето она што некогаш нè нервираше во Скопје и од кое сакавме да побегнеме, овде не постои. Но сето тоа, колку и да е исправно и посакувано, не може да ги замени луѓето. Не може да ја замени блискоста, топлината, и малите спонтани непланирани средби.
На шега го прашувам чат: „Како да ја надминам носталгијата?“ Веднаш ми одговара: „Носталгијата е сосема нормално чувство. Се појавува кога некое место за тебе значи сигурност, идентитет, спомени и луѓе што ги сакаш. Тоа што ти недостига не значи дека било погрешно што си заминала, туку дека тоа место ти било важно“. И тогаш сфаќаш колку многу пријателства, кои некогаш си ги зел здраво за готово, всушност ти значеле. Кај нас сè уште можеш да договориш кафе за петнаесет минути, спонтано, без најава, без календар. Овде, пак, и за едно кратко гледање често треба да се мисли цела недела однапред.
Да ми кажеше некој дека на овие години ќе биде толку тешко да се создадат искрени пријателства, немаше да поверувам. Но тоа е вистина која ми ја потврдуваат сите мои пријатели што живеат во други држави, од Швајцарија, па сè до соседна Србија. Новите кафулиња, ресторани, плоштади и паркови, па дури и новите планини, ќе ги откриваме и ќе ги освојуваме. Ќе создадеме нови рутини, и нови омилени места. Но останува едно нешто што не може да се создаде со план или со упатство, а тоа се луѓето и пријателствата.
Животот во новиот дом е среден, функционален и без хаос, но ја нема таа непосредна спонтаност, таа живост и топлина што ја носи секојдневноста во родниот град. Контрастот е очигледен: новиот дом е „потполен“ во материјална смисла, но „празен“ за разговорите кои секогаш ќе недостасуваат. Затоа кога се враќаме дома, кога романтизираме и уживаме во Скопје, не ни замерувајте.
Знаеме дека многу работи треба да се променат, но луѓето кои ги имаме таму се непроценливи. Без нив, дури и најубавите улици и плоштади се само слики. Како што една пријателка ми рече: човек без палми може да преживее, но не и без блиски луѓе.
(Авторката е експертка по спортска дипломатија)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


