Помалку предмети и повеќе време во училиште предвидено за основците од идната година

Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Од СОНК негодуваат за новиот концепт за основно образование на МОН, додека на социјалните мрежи преовладуваат критики за спојувањето на предметот историја во општествени науки

Предметите историја, географија и граѓанско општество се спојуваат во предметот „општествени науки“, а биологија и хемија ќе се изучуваат под името „природни науки“. Вака барем гласат првичните најави од Министерството за образование и наука, каде се изработува нов модел за настава во основното образование, кој неофицијално ќе започне да се применува во прво и шесто одделение од наредната учебна година.

Очекувањата од новиот модел се децата да научат да размислуваат, да запре практиката на учење наизуст, а од секој ученик да се извади максимален потенцијал, преку збогатена лепеза на изборни предмети и поголема понуда на воннаставни активности. Па така, со новата концепција предвидено е учениците да имаат помалку предмети, но да поминуваат повеќе време во училиште, каде наставата би се фокусирала на зачестена интеракција со наставниците, но и меѓу самите ученици. Под „повеќе време во училиште“ надлежните откриваат дека се подразбира време посветено на другите активности и курсеви, како што се дополнителен спорт, дополнителни часови по кодирање, дополнителен странски јазик и слично. За да ги исполнат целите и очекувања ресорните власти информираат дека ги следат практиките на образовните системи во Словенија, Естонија и Финска, а министерката Мила Царовска сподели дека ќе се бара максимална посветеност од наставниците кон новиот, покреативен пристап што го креираат.

– Со новата концепција создаваме школо што нé учи да учиме, со што ќе го напуштаме стариот пристап на фактографско учење и ги поттикнуваме учениците да решаваат проблеми и критички да размислуваат. Нашата идеја е да создадеме младина, граѓани, иднина којашто ќе може да ја движи оваа држава кон економски и социјален развој. Токму затоа образованието и промените коишто ги правиме се создадени врз основа на анализи коишто се претходно добро подготвени врз основа на одредени методологии коишто даваат точно каде се критичните точки. А критичните точки се дека нашите деца учат многу предмети, но само фактографски без да поврзуваат, истакна министерката Царовска.

Таа како пример посочи дека озонот се изучува од повеќе аспекти, во сите предмети од природните науки, а сега оваа тема ќе се интегрира во еден предмет, со што учениците полесно би ја разбрале проблематиката и воедно доколку изразат желба да истражуваат повеќе за озонот, таква можност ќе имаат во дополнителните предмети.

Од Министерството известија дека промените се должат на ниските рангирања согласно домашните и меѓународни истражувања, чиј генерален заклучок е дека македонските образовен систем не создава креативни и иновативни ученици. Една од студиите, која домашните власти ја зеле предвид е онаа од тестирањето со ПИСА, каде се вели дека македонските ученици заостануваат четири години во споредба со врсниците од други европски земји и заземаат места од дното на табелата по читање, математика и наука.

Од друга страна, Синдикатот за обраование, наука и култура апелира Министерството да не избрзува со спроведувањето на планот за спојување предмети и предлагаат да се направи пилот-проект пред имплементирање на реформата.

– Недоволно ќе биде се, освен ако засегнатите страни не бидат вклучени во секој процес. Има загриженост кај одредена група на наставници. Тоа е исто и кај музичките наставици кои имаат мал број фонд на часови. Не можам да изнесам детална анализа, бидејќи во моментов се прави истото од страна на СОНК. Постојано се прават реформи кои се избрзани и несоодветни, изјави во гостувања на медиумите првиот човек на синдикатот, Јаким Неделков, кој изрази надеж дека оваа мерка нема да доведе до отпуштање наставен кадар.

Според него проблематично е и прашањето со колкав процент во наставната програма би влегле четири предмети, доколку се интегрираат во еден и како би се извлекла генералната оценка.

Во меѓувреме, лавина реакции на социјалните мрежи предизвика спојувањето на предметот историја, а повеќето коментари беа ставени во политички контекст, особено во период се очекуваат промена на содржината на учебниците и резултати од работата на македонско-бугарската Комисија за историски прашања. Професорката и пратеничка од редовите на опозицијата, Гордана Силјановска Давкова пишува дека властите за реформата се повикале на финскиот модел, но токму во финскиот образовен систем историјата не е споена кон предметот општествени науки и се изучува посебно, како и кај нас досега.

– Царовска веднаш реши да ги „ослободи“ децата од досадната и конфликтна национална историја, поврзувајќи ја со општествените науки. Посака да ги “спаси“ еднаш засекогаш од „ПОГРЕШНОТО ТОЛКУВАЊЕ“, кон кое сме „склони“ и од кое „страдаме“ ние, Македонците. Чуму ни е премногу историја, што би рекол Черчил, зошто пријателски да не ја споделиме со соседите, се вели во дел од фејсбук коментарот на Силјановска Давкова.

Од ресорното Министерство потврдуваат дека засега се зборува единствено за концептот на образование, а не и за самите наставни програми.

Министерката Мила Царовска на неодамнешната прес конференција нагласи дека од друга страна никој пак не се произнел со мислење за спојувањето на предметите биологија и хемија, што исто така се најавува за време додека преговарала македонско-бугарската комисија, со што се потврдувало дека новата концепција нема допирна точка со работата на Комисијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот