Помалку контрола за помалку препишување: една можна идеја

калина малеска
Калина Малеска, Фото: Фејсбук

При одговарање на прашања кои бараат примена и унапредување на знаењата нема можност за препишување и не треба никаква контрола – само менување на пристапот на часовите во насока на поттикнување да се размислува за пошироките значења, поврзаности и примени на наученото.

Секогаш се чувствував непријатно кога за време на испитите ги набљудував студентите во обид да обезбедам дa нема препишување. Целата таа ситуација со смислување нови техники на препишување, од една страна, и нови начини да се фати препишувањето, од друга, ме потсетува на трката за вооружување за време на Студената војна. Наместо да создаде услови наставниците и учениците/студентите заедно да работат на унапредување на знаењата, контролата што се спроведува за да нема препишување создава состојба како тие да се непријатели. Препишувањето на сите нивоа на образование е распространет и често дискутиран феномен.

Ваквите состојби ме поттикнаа да го сменам пристапот во испитувањето и со тоа, неопходно, и пристапот на часовите. Уверена сум дека овој проблем со препишувањето може да се надмине – не со зголемување на контролата, туку со менување на пристапот во учењето, во приоритетите на тоа како да се учи, во поттикнување аргументирано размислување. И, конечно, може да се надмине со (писмено и/ли усно) испитување за време на кое ќе нема никаква потреба од контрола за да се спречи препишување, зашто испитувањето ќе биде соодветно на пристапот на учење за време на часовите – на сите нивоа на образование. За што поточно станува збор, ќе илустрирам со конкретни примери.

До пред неколку години, едно од вообичаените прашање на испитот по предметот „Утопии и дистопии“ беше: „На кој начин водат војна жителите на Утопија на Томас Мор?“ Одговорот што стои во текстот, на кратко, е дека не сакаат да водат војни, така што никогаш не водат освојувачки војни, а кога некоја друга земја ќе ги нападне, со оглед на тоа дека не сакаат загуба на човечки животи, се обидуваат да победат така што ќе го надмудрат непријателот. На пример, нудат многу пари за да бидат фатени кралот и неколку високи функционери на земјата која ги нападнала.

Ваквиот одговор (и неговите варијанти) е единствениот точен одговор на ова прашање. Ова е прашање чиј одговор, фактички, се наоѓа во текстот и со тоа, потенцијално, е прашање чиј одговор може да се препише. А што е поентата на барање одговор којшто е достапен со отворање на книга или со неколку клика на интернет?

Затоа се обидов да составам поинаков вид прашања, чиј одговор не е достапен со пасивно препишување од материјалот, туку до него треба да се дојде и преку читање на материјалот и, дополнително, со индивидуално размислување. Ова е пример за тој поинаков вид прашање: „Споредете како општествата што ги замислиле Томас Мор и Едвард Белами го решаваат прашањето на она што во тие општества се смета за непопуларна работа (земјоделство во Утопија и мануелна работа во индистриската војска кај Белами). Зошто создаваат такви шеми на задолжителен труд за сите, со ограничен временски период, и што мислите дека може да се постигне со нив?“

На ова прашање не може никаде да се најде готов или точен одговор – ни во самите текстови, ниту на интернет, ниту во некоја друга книга. Одговорите на овој вид прашање се многу покреативни и поразновидни, отколку на претходниот вид и доаѓа до израз потенцијалот за размислување на студентите во однос на нудење можни решенија на одреден проблем. Ова е прашање што не може да се препише, а кое бара да се прочитаат потребните делови, да се споредат, да се размисли за мотивите, да се формулира сопствено гледиште за понудените решенија, како и да се размисли за релевантноста на ваквите решенија во денешен контекст. При одговарање на ваков вид прашања, не е потребна никаква контрола – студентите/учениците може слободно да користат книги, интернет, секакви извори на информации, а сепак до одговорот ќе дојдат сами, доколку ги прочитале текстовите. Доколку не прочитале, достапноста на текстовите нема да помогне (со оглед на тоа дека материјалот за читање не е ограничен на само двата текста споменати во прашањето од примерот).

Ваквите прашања и потенцијалот за добивање креативни одговори бара промена и на пристапот на часовите. Наместо предавања кои ќе ги прераскажуваат текстовите, во текот на целиот семестар (полугодие, школска/академска година) потребни се дискусии во кои ќе дојде до израз колку е важно стекнатите знаења да не бидат само репродуцирани, туку да се применуваат во нови контексти и да се анализира нивната релевантност во нашето секојдневие.

Препишувањето на сите нивоа на образование е распространет феномен. Но препишувањето, всушност, е симптом на еден друг проблем – инсистирањето на репродукција на знаењата, кое често предизвикува чувство на стрес кај оние кои ги одговараат прашањата што имаат само еден точен одговор, и кое ги ускратува можностите за поврзување на знаењата во нови контексти. Затоа, препишувањето не се решава со поплаки од „незнаењето“ на „препишувачите“, ниту со зголемување на контролата за време на тестовите, туку една можна идеја е да се реши со решавање на проблемот чиј симптом е тоа. При одговарање на прашања кои бараат примена и унапредување на знаењата не ни постои можност за препишување и не е потребна никаква контрола – само менување на пристапот на часовите во насока на поттикнување материјалот да се учи на едно повисоко ниво, односно да се размислува за пошироките значења, поврзаности и примени на наученото.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот