Полски турист настрада на Матка, врз него паднале камења од одрон

Фото: „Слободен печат“.

45-годишен турист од Полска денеска е повреден од камења кои се одрониле на патот кон Матка, по што веднаш со возило на итната медицинска помош е префрлен на скопските клиники, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Секторот за операции и координација на ЦУК спровел акција за згрижување на повредениот турист од Полска и за преземање мерки за безбедност, бидејќи имало опасност од други одрони, а и за расчистување на одронот на местото.

„ЦУК го извести раководителот на ЈП „Улици и Патишта“ на Град Скопје за нивна интервенција за расчистување на теренот. Одговорот беше дека надлежност за тој пат има „Македонија Пат“ и општината Сарај“, велат од ЦУК.

По остварените комуникации, ЦУК добиле одговор од „Македонија пат“ дека според дадените координати, тој пат не е под нивна надлежност, туку под Општина Сарај.

Телефонски контакт е остварен и со комуналниот инспектор на Општина Сарај, на кој му е пренесена информацијата за надлежностите, поточно дека ниту ЈП „Улици и Патишта“, ниту „Македонија Пат“ имаат надлежност за негово расчистување и дека тој пат е под ингеренција на општината. На лице место имало и полицајци, додаваат од ЦУК.

Од нивна страна и од страна на Општина Сарај ќе биде направен записник за утврдување на фактичка состојба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот