Македонското издание на романот „Безматичник“ е објавено од „Три“

Полската писателка и филозофка Мира Марќинув ќе го претстави својот роман „Безматичник“

Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, на 13 февруари (четврток), со почеток од 19 часот, ќе гостува полската книжевна ѕвезда Мира Марќинув, по повод промоцијата на македонското издание на нејзиниот роман „Безматичник“.

Во издание на „Три“, првиот роман на Марќинув со наслов „Безматичник“ е преведен од полски на македонски јазик од проф. д-р Лидија Танушевска. Терминот безматичник означува семејство пчели останати без матица.

Промоторка на настанот ќе биде книжевната проследувачка Наташа Атанасова, која во разговор со Мира Марќинув ќе влезе во острата и сурово збунувачка книжевна реалност, слична на пчеларник без матица.

Напишан на жив, современ јазик, „Безматичник“ може да се чита и како таговна бајка за љубовта меѓу мајката и ќерката, но и за животот на ќерката без мајка. „Си живеела една девојка без мајка и без нокти, односно принцеза на Дизни.“

Мира Марќинув (1985) е писателка и филозофка, доктор по хуманистички науки и психологија на Јагелонскиот универзитет во Краков, доцент на Институтот за филозофија и социологија на Полската академија на науките. Работи во Одделението за логика и когнитивни науки на Институтот за филозофија и социологија при Полската академија на науките.

Авторка е на повеќе трудови: за историјата на полската психијатрија, за меланхолијата, за историјата на идеите, за книжевното лудило, за танцувањето и за животинската психопатологија.

Се занимава со филозофија на психијатријата и теоријата на лудилото, со посебен осврт на полското наследство. „Безматичник“ е нејзин прв роман. Во 2020 година за него ја добила годишната награда за литература што ја доделува списанието „Политика“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот