Полска тврди дека пронашла екстремистички содржини кај мигрантите

Мигранти / Фото: mia.mk

Полскиот министер за внатрешни работи во понеделникот рече дека на мобилните телефони на мигрантите кои влегуваат во земјата од Белорусија се пронајдени материјали поврзани со исламскиот екстремизам и повика на продолжување на вонредната состојба на границата за 60 дена.

Полска на почетокот на септември прогласи вонредна состојба на границата со Белорусија поради големиот прилив на мигранти од соседната земја.

Варшава и Брисел го обвинуваат белорускиот лидер Александар Лукашенко дека ги користи мигрантите како средство за притисок за укинување на европските санкции кон Белорусија поради кршење на човековите права.

Организаациите за човекови права, пак, ја критикуваа полската националистичка влада за односот кон мигрантите.

Пет мигранти загинаа на границата од почетокот на кризата.

„Ситуацијата е крајно напната… Ќе поднесам барање до Советот на министри за продолжување на вонредната состојба за 60 дена“, рече министерот за внатрешни работи Мариуш Камински на прес -конференција.

На конференцијата, полските власти доставија пораки и фотографии поврзани со исламскиот екстремизам, за кои тие тврдат дека се пронајдени на мобилните телефони на некои мигранти.

Полската опозиција и групите за човекови права ја обвинија претходно владејачката десничарска националистичка партија Закон и правда (ПиС) за поттикнување предрасуди кон мигрантите.

Во 2015 година, за време на мигрантската криза, водачот на ПиС рече дека мигрантите од Блискиот Исток ќе донесат болести и паразити во Полска.

Во моментов, повеќето мигранти се од Ирак, Авганистан и Африка.

Камински во понеделникот рече дека владата не се обидува да ги стигматизира мигрантите, туку само презентира докази што ги откри за да покаже дека некои мигранти што ја минуваат границата може да претставуваат закана за националната безбедност.

Тој рече дека полските безбедносни агенции пронашле врска со екстремизмот кај 50 од 200 мигранти.

Извор: Ројтерс

Видео на денот