Полска трудница почина откако била принудена да носи мртов фетус седум дена

Трудница почина во Полска откако лекарите одбиле да извршат абортус кога срцето на фетусот престанало да чука/ Фото: Твитер

Уште една трудница почина во Полска откако лекарите одбиле да извршат абортус кога срцето на фетусот престанало да чука. Нејзиното семејство јасно ја обвини владата – „има крв на вашите раце”.

Агњешка Т. била во првиот триместар од бременост со близнаци кога била примена во болницата „Блажена Богородица Марија“ во Честохова на 21 декември.

Како што објаснија нејзините блиски, при приемот во болница чувствувала болка, но била при свест.

Првиот фетус починал во утробата на 23 декември, но лекарите одбиле да го отстранат, повикувајќи се на актуелниот закон за абортус, а семејството на Агњешка тврди дека „нејзината состојба брзо се влошила“. Болницата чекала да престанат отчукувањата на срцето на другиот близнак една недела подоцна, а потоа уште два дена пред да ја прекине бременоста на 31 декември.

Агњешка починала на 25 јануари откако поминала неколку недели во болница. Нејзиното семејство се сомнева дека таа починала како последица на септичен шок, но болницата во извештајот не ја наведува точната причина за смртта.

„Ова е доказ дека актуелната влада има крв на рацете“, се вели во соопштението на семејството на Агњешка. Тие објавија и вознемирувачко видео на Агњешка во лоша здравствена состојба непосредно пред да почине.

Тие ја обвинија болницата за трагедијата, велејќи дека Агњешка била принудена да носи мртов фетус седум дена бидејќи лекарите одбиле да го отстранат поради страв да не го повредат близнакот иако таа побарала абортус. Близнакот последователно исто така умрел, а двата фетуси биле отстранети два дена подоцна. Семејството тврди дека болницата потоа повикала свештеник да изврши погреб за близнаците.

Агњешка е уште една жена која почина поради отсуство на реакција од лекарите, кои го користат законот за забрана на абортуси како алиби за своето однесување. Изабела (30) почина од сепса во септември минатата година, кога болницата одби да изврши абортус или царски рез, повикувајќи се на законот за абортус, во време кога веќе го изгубила бебето.

Истрагата утврди дека смртта на Изабела била предизвикана од „лекарска грешка“, а болницата е казнета.

Семејството на Агњешка тврди дека контактот со болницата бил многу лош и дека челниците одбиле да ги споделат резултатите од медицинските тестови на Агњешка, повикувајќи се на законот за доверливост. Тие велат дека лекарите „инсинуирале“ дека состојбата на Агњешка која брзо се влошувала може да била предизвикана од БСЕ, односно „болест на кравјо лудило“, и сугерирале дека јадела сурово месо.

Според соопштението на болницата, Агњешка била позитивна на ковид пред нејзината смрт, иако била двапати негативна кога била примена.

„Потенцираме дека болничкиот персонал ги презеде сите неопходни активности за спас на пациентот“, се наведува во соопштението, но не е јасно дали е наредена обдукција.

Агњешка зад себе остави сопруг и три деца.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот