Полска ја обвини Белорусија: Ни се одмаздуваат со испраќање мигранти

Полско знаме/ фото: МИА

Полска ја обвинува Белорусија дека испраќа се повеќе мигранти преку граница како одмазда за одлуката на Варшава да обезбеди засолниште за Кристина Тимановска, белоруска атлетичарка која одби да се врати дома од Олимпијадата во Токио.

Заменик -министерот за внатрешни работи Мачеј Васик во четвртокот рече дека Минск води „хибридна војна со Европската унија преку илегални мигранти“.

„Белорусија ги користи како живо оружје“

Во последните недели, соседна членка на Европската унија, Литванија, исто така, објави зголемување на бројот на илегални гранични премини на мигранти од Белорусија, тврдејќи дека Минск ги носи со авион и ги испраќа во Европската унија.

Тоа се млади мажи и жени со деца. Белорусија ги користи како живо оружје, рече Васик за полска Телевизија.

 

Бегство како од Студената војна

Бегството на Тимановска, потсетувајќи на оние од Студената војна, дополнително ги зголеми тензиите меѓу Западот и Минск, бидејќи ЕУ го обвинува белорускиот претседател Александар Лукашенко дека ги користи мигрантите како одмазда за европските санкции.

Тимановска тврди дека претставници на белорускиот тим насилно се обиделе да ја испратат дома затоа што ги критикувала спортските власти. Таа одби да се качи на летот и побара заштита од јапонската полиција. 24-годишната спортистка полета за Полска во средата.

Официјална Варшава претходно ја критикуваше авторитарната власт на Лукашенко и прими голем број белоруски активисти по протестите што избија минатата година.

Полската полиција приведе 71 мигрант

Полската погранична полиција за Ројтерс изјави дека од четвртокот вечерта привела група од 71 мигрант, а во средата група од 62 лица, претежно Ирачани.

Тоа се повеќе од 122 илегални мигранти уапсени од полската гранична полиција. Минатиот месец беа уапсени 242 мигранти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот