Урсула фон дер Лајен/ Фото Derek French / Shutterstock Editorial / Profimedia

„Политико“: Путин се повеќе и повеќе сака европска земја, проширувањето на ЕУ е единствен начин да се сопре во намерите

Приграбувањето територии кое со војната во Украина го прави Владимир Путин, ги натера лидерите на Европската унија да направат план  за проширување на Европското семејство. „Политико Европа“ во денешната анализа на новинарот Јакоб Ханке Вела, објави дека во моментов во тек се сериозни чекори кон внесување на дури осум нови членки во блокот од 27 земји.

Но, историскиот нагон за проширување носи свои ризици за ЕУ, пишува POLITICO. Вклучувањето нови држави меѓу кои и земјоделски најмоќната, Украина – ќе ја отвори Пандорината кутија на предизвици. Ќе бидат потребни сеопфатни внатрешни реформи, а тоа најверојатно ќе предизвика повеќегодишни токсични конфликти меѓу сегашните членки на ЕУ. И покрај болната сложеност на секој процес на проширување, руската агресија убеди некои влади на ЕУ дека , не можат да си дозволат повеќе да чекаат.

„Ова е моментот кога треба да бидеме храбри и да го промениме нашиот пристап кон проширувањето – да ги внесеме шесте земји од Западен Балкан, секоја од нив, и Украина и Молдавија, јасно во нашето семејство“ , изјави австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг за „Политико“.

Проширувањето се очекува да биде тема и во годишниот говор на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен најавен за 13 септември.

Како што анализира „Политико“, се очекува и Германија и Франција да дадат „зелено светло“ за проширувањето.  Оптимизмот го темелат на понудата на германскиот канцелар Олаф Шолц дадена пред неколку месеци за „проширена“ Европа, како и оптимистичките сигнали од Париз, поточно од министерката за Европа Лоренс Бун, која за politico.eu изјави дека треба да им се даде „конзистентна порака“ на земјите-кандидатки за пристапување во унијата, а не само да се зборува за кампањите против руското влијание.

Рок од седум години

Како што пишува „Политико“ едно од отворените прашање е тајмингот. Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, повика нови членки да бидат примени до 2030 година. Францускиот претседател Емануел Макрон ја поддржува идејата за етапно проширување, при што земјите прво ќе добијат пристап до единствениот пазар пред да станат полноправни членки на ЕУ.

Австриската минстерка за Европа, Шаленберг пак ја промовираше можноста да им се дозволи на земјите-кандидати да седат како набљудувачи во политичкиот и безбедносен комитет на ЕУ, тело во Брисел каде што се носат одлуки за надворешна политика, без да имаат право на глас.

Во овој дел „Политико“ заклучува дека, ако сакаат да ги остварат своите амбиции, лидерите на ЕУ ќе треба да се справат со акутните растечки „болки“, а една од нив е високото ниво на корупција во Украина.

По изјавата на Мишел дека 2030 година е година за проширување, студен туш стигна од портпаролката на Европската комисија. Таа изјави дека процесот за пристапување во ЕУ е  „заснован само на заслуги“.   Затоа комисијата треба да ги претстави извештаите за напредокот на земјите-кандидати кон крајот на годината, иако еден висок дипломат на ЕУ најави дека презентацијата можно е да биде одложена поради интензивна контрола, посебно на кандидатурата за пристап на Украина.

Корупција

Земјоделската политика е најважната во пристпните преговори меѓу Брисел и Киев. Евтиниот извоз на жито од Украина може да ја преплави ЕУ и да ги удави силно субвенционираните земјоделци од унијата. Полска и неколку други земји од ЕУ веќе ги затворија вратите за украинскиот извоз на жито, велејќи дека овој потег има за цел да ги заштити нивните земјоделци, се наведува во анализата.

Внатрешните реформи што би го поттикнало проширувањето вклучува: ревизија на Заедничката земјоделска политика на ЕУ, редизајнирање на долгорочниот буџет на блокот и препишување на неговиот процес на донесување одлуки за да се придвижи кон поголема употреба на таканареченото гласање „квалификувано мнозинство“ во области како што е надворешната политика , каде што во моментов е потребно едногласност.

Како и да е, големото проширување во ЕУ би го префрлило центарот на гравитација на источниот блок, а со тоа ќе се намали традиционално одлучувачкото влијание на Франција и Германија врз клучните одлуки во ЕУ.

Некој е за референдум?

Но, промената на основните договори на ЕУ е напорен процес кој бара референдуми во неколку земји, заклучува „Политико“ во опсежната анализа. Апетитот за таков вид „зафат“ е ограничен помеѓу дипломатите на ЕУ, од кои, некои тврдат дека реформите може да се спроведат според постоечкиот Лисабонски договор на блокот.

„Во Советот нема мнозинство за промена на договорот“ . Правната служба на Советот веќе со месеци не информира дека Лисабонскиот договор е доказ за проширувањето“, рече еден дипломат на ЕУ.

Дебатата за проширување треба да се засили во наредните месеци, вклучително и на третиот состанок на Европската политичка заедница на земји надвор од оние во блокот, што треба да се одржи на 5 октомври во Шпанија. Шарл Мишел планира да се сретне со лидерите на ЕУ во мали групи пред самитот за да ги собере нивните ставови за проширувањето.

И покрај интензивниот фокус над Украина, помалите земји кандидати исто така притискаат пред портите на блокот, се наведува во аклучото од анализата на „Политико“ . Претседателката на Косово, Вјоса Османи, чија земја минатата година официјално аплицираше за влез во ЕУ, претпазливо го поздрави обновениот фокус на проширувањето. „Веруваме дека е во интерес на сите, сите земји од Западен Балкан да се приклучат“, рече Османи.

Но, таа додаде дека земјите не се подготвени вечно да чекаат ЕУ да одлучи. „Тешко е да не бидете нетрпеливи, особено кога правите сè што ќе побарате од вас, а потоа ништо не се случува“, рече таа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот