Политиката на Мицкоски ќе биде враќање на политиката на Груевски

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

„Oд ова држава не бива“, ми велат луѓе кои се „обични“ гласачи, па се прашувам сега како може тоа политички да се артикулира – а политиката, сепак, ни ги нагриза животите што претставува, сепак, особина за „мачни времиња“ – без разлика што денес, во оваа земја владеат „најдобрите од сите можни светови“. А денешната политика може да се дефинира и како политика која го запре насилството, тоа симболичко и физичко, со сите форми на понижувања на човечкото, граѓанското и професионалното достоинство на секој мислечки човек во нашето општество.

Гледајќи ги манифестациите на оваа влада, може комотно и без некоја особена вознемиреност да констатирам дека владеењето на Груевски беше во вистинска смисла на зборот Режим (големата буква не е случајна). Неговата „демократска“ форма беше претежно проткаена со низа од фарсично-фасадна обланда, преку сурија од послушни кло(в)нови кои имаа само една агенда на програмата: да згази, да затруе, да го нихилира сè она што стрчи од масата „ботови“, а особено ако има, или ако би можел некој да добие габарит што ќе ја загрози власта, можеби не денес, но во некоја скорешна иднина. Е, за таквите луѓе во времето на Груевски немаше прошка.

На ист принцип се работеше и со медиумите, и со „тајкуните“, на ист принцип се работеше и со угледните и некомпромитираните поединци, така, имено, се работеше и во нивната партија: згази, удри, уништи. Писнеш ли, веднаш леташ како мистер Хикап, од бурето директно во стратосферата! Нивната партиска идеја и сè што се нарекува ВМРО-ДПМНЕ мора да биде сведено на ниво на немоќен, клиентелистички фолклор. Исто така и денес се однесува таа политичка (поточно опскурантска партија!).

Спрега со најлошите политички табиети

Да фрлиме денес поглед на политичката сцена, да видиме што може да очекуваме (овојпат ќе се занимаваме само со партиите на ниво на цела држава) на следните парламентарни избори. ВМРО-ДПМНЕ е партија со подеднакво лоша историја и погубен политички менталитет, вклучувајќи ги нивните коалициски партии, врзани во спрега со најлошите политички табиети, било лични, било политичко-колективни, така што се надевам дека од неа (читај, ВМРО-ДПМНЕ) никој не очекува многу во поглед на еманципација, то ест, никој не очекува некоја посебна добрина од „десната“ опозиција (вклучувајќи ја Левицата на Апасиев, „продемократските“ пискарала итн.). Таквиот табиет што ви го опишувам, на Мицкоски воопшто не му пречи, бидејќи тој од нивниот јавен ангажман не страда, туку страда од своите политички фикс идеи.

Oд друга страна, најважната политичка партија денес е СДСМ, што значи дека тоа е партија која произведува некаков смислен и дефиниран јавен интерес. Не сум докрај сигурен каква идеолошка (идејна!) улога делат нејзините коалициски партии, но не се сомневам дека некој од нив не се за ЕУ и НАТО, за мир и соживот со комшиите. Не сакам да верувам дека коалициските партнери на СДСМ не ги делат истите вредности и содржини со владејачката партија. И сега, во таква констелација, добро би било да потсетиме на една политичка законитост: што повеќе политичка смисла собере СДСМ, тоа помалку на парламентарните избори ќе добие ВМРО-ДПМНЕ.

Па, добро, тогаш, дали СДСМ е слаба партија во некоја идејна смисла? Се разбира дека не е слаба: само ја погаѓаат цунами од надвор, а богами и од внатре. За тоа пишував, нема да се повторувам. СДСМ денес е мејнстрим партија (кога велам мејнстрим, мислам во вредносна смисла!), само што има еден свој „историски багаж“: ја дерат разни опинион мејкери кои припаѓаат, или барем кои се декларираат како продемократски и проевропски. А, од друга страна, некои продемократски „пера“ се наоѓаат во декадентна фаза, обидувајќи се да ја релативизираат улогата на СДСМ, така што сакаат да се наметнат во јавноста дека Заев и Груевски се практично исто, две лица од еден медал, што е ноторна глупост, епска злоба и базична љубомора.

Целта им е да откинат што повеќе гласови од СДСМ

Преспанскиот договор ќе го негираат како безначаен, ќе ги негираат решените билатерални спорови со комшиите, реформите кои владата ги правеше, и сè уште ги прави, велат дека не постојат, така што ќе туркаат на уште поголема резигнација во општеството. Таа, пак, резигнација, за цел има да откине гласови од СДСМ, што значи дека тие (се мисли на опозициските пера од „нашите редови“) ниту на сон не може да им бидат авторитети на „вмровци“, туку ви велам, нивната цел е да откинат што повеќе гласови од СДСМ и да ги фрлат во апсолутна резигнација и пасивност.

Со таквиот табиет, пак, доаѓаме до еден феномен кој ни вели каде и со кого живееме, само ако вистински гледаме и слушаме. Добро, овие неколку индикатори не мора да бидат нужни за целата држава, ама, сепак, ова е нејзиниот доминантен дел околу кој ќе се кршат главните копја: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не се исти, и тоа не може да биде никаков „знак на равенство“. И тоа вака, соголено и јасно мора да се каже, и за тоа е многу важно да се мисли навреме.

А, добро, кое е она што треба „на време да се мисли“? Тоа дека ние до парламентарните избори треба да се избориме за сеќавањето, а тоа е: политиката на Мицкоски ќе биде враќање на политиката на Груевски. Нивната политичка програма е национализам, изолација и прогон. Тие поинаку ниту разбираат, ниту имаа свест за друга политика. Нивната политика зависи од имагинарни (проектирани) непријатели; тие со предрасуди го хранат своето членство, на тие стереотипи преживуваат како политичка партија. Нивното партиско мото е контра животот, контра самата човечност. Нивната идеја е авторитаризам, неслобода, бидејќи и самите се длабоко неслободни луѓе и индивидуи.

Моја граѓанска одговорност е да се спротивставам на тоа лудило, да се спротивставам на таа политика, да алармирам, да повикам на будност. И нема да прифатам дека не знаете која е политиката на Заев, а која ќе биде политиката на Мицкоски. Имаме две парадигми до парламентарните избори, или таа на Мицкоски која се нарекува „Обнова на Македонија“, или таа на Заев која се нарекува „На прав пат“. Нема простор за играње со судбината на сите нас. Јас знам што ќе одберам и за што ќе се борам. Со сите ризици. Оти што е живот без ризик!?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот