Владика Петар: Договоривме заедничко сослужување со СПЦ, но добивме уцени и закани

789

СПЦ треба да сфати дека со сила нема убавина и дека работите треба да се решаваат на мирен начин, вели г.Петар.

Митрополитот преспанско-пелагониски г.Петар смета дека постигнувањето договор помеѓу српските владици околу решавањето на црковниот спор со МПЦ-ОА, зависи единствено од СПЦ.

– Тие требаше досега да закажат средба за разговори со нашата црква, но таква средба и таква желба немаше. Тие не се заинтересирани да ги надминат проблемите, па затоа во меѓувреме кај нас се појави интерес да се дејствува преку БПЦ. Не гледам проблем да се сослужува заедничка литургија, бидејќи ние треба да богослужиме со секоја православна црква, а не само со бугарската – вели г.Петар.

Тој објаснува дека МПЦ-ОА и СПЦ имале донесено заеднички став околу заедничкото богослужење, но како што вели, српските владици на крајот отстапиле од договорот.

– По нивна препорака, односно по барање на тогашниот патријарх Павле, ние требаше да имаме заедничко богослужење, но наместо тоа да се случи, следуваа безброј уцени и закани од нивна страна. Тие мислеа дека насилно и со притисок можат да го решат проблемот и да нè понижуваат до крајни граници. Засега не можам да кажам дали најпаметен чекор е решавањето на спорот да оди преку БПЦ, но можам да потврдам дека сослужувањето не може да биде повод за никаков раскол. Едноставно, СПЦ треба да сфати дека со сила нема убавина и дека работите треба да се решаваат на мирен начин – вели г.Петар.

Мартин Богатиноски