ПОЛИТИКА

Со „Нова Македонија“ пак сме во старата каша

Фото Профимедиа

Голема победа за Грција ќе биде ако Коѕијас успее во Скопје да го наметне предлогот „Нова Македонија“, информираат грчките медиуми, но домашните политички аналитичари предупредуваат дека тоа е најлошиот предлог и оти сведочи дека нашиот народ е дрво без корен.

 

Мартин Богатиноски

 

Се интензивираат преговорите за решавање на спорот за името по најавите за доаѓањето на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во Македонија. Од македонското Министерство за надворешни работи соопштија дека грчкиот министер ќе пристигне во Скопје кон крајот на февруари или на почетокот на март, а како што информираат грчките медиуми повикувајќи се на високи дипломатски извори, целта на Коѕијас е да ја достави нацрт-спогодбата што ја подготвила грчката страна. Како што најави самиот Коѕијас, документот што ќе го донесе е испишан на 20 страници и се однесува на името и на она што произлегува од името, односно каква употреба ќе има, изведени зборови, идентитет, националност и јазик, а потоа и другите прашања како што се трговските имиња, акронимите и кратенките. Повикувајќи се на високи дипломатски извори, грчките медиуми наведуваат дека голема победа за Грција ќе биде ако Коѕијас успее да ни го наметне предлогот Нова Македонија, а од друга страна, пак, домашните политички аналитичари сметаат дека тоа е најлошиот предлог што треба веднаш да го отфрлиме, оти како што појаснуваат, тоа име сведочи дека ние сме нова држава, односно сме дрво без корен.

 

За идентитетот не се преговара

 

Најприфатливото решение за Атина, според грчкиот министер за надворешни работи, претставува име напишано на словенски јазик и без превод, но македонскиот премиер Зоран Заев сака името да биде на латиница и да се преведува на сите јазици.

– Такви примери се „Нова Македонија“, „Горна Македонија“ или „Вардарска Македонија“. Имаме дискусија, но она што мислам дека го сакаат нашите северни соседи е името да биде на латиница, да биде на англиски јазик од кој ќе се преведува на сите други јазици. Мојата желба е малку покомплексна. Јас би сакал име кое јасно ќе укажува дека тоа е една друга Македонија, географски ентитет, а не историско наследство на грчка Македонија – рече Коѕијас.

Премиерот Заев, пак, вели дека е умерен оптимист за тоа дека ќе се најде решение за името, а од друга страна е дециден дека за идентитетот воопшто не се преговара.

– Мене ми е мило што во седумте точки нема тема што се поврзува со идентитетот. Тоа е добро затоа што идентитетот е лично чувство. Тоа прашање не може да се смени ниту со гласање во Собранието ниту на референдум. Влезот на Македонија во НАТО е повеќе од извесен доколку се пронајде решение за името. Имаме автоматска покана, а тоа значи дека членките на НАТО ќе почнат со ратификација на нашето пристапување откако ние и Грција ќе соопштиме дека спорот е официјално решен – вели Заев.

Според поранешниот германски амбасадор во САД и сегашен претседавач со Минхенската безбедносна конференција, Волфганг Ишингер, патот на Македонија кон ЕУ и НАТО би требало одамна да биде одблокиран. Умерен оптимизам за постигнување решение за името изрази и поранешниот грчки амбасадор во Македонија, Јоргос Какликис, кој потсетува дека во 2001 година двете земји биле на чекор до решение откако грчката Влада покренала иницијатива за разговори во Скопје.

Во меѓувреме, претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер и официјално во недела пристигнува во Скопје. Во март, пак, македонската Влада ќе биде домаќин на шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини.

 

Нивно е да понудат, наше е да размислиме

 

Кој предлог и да го соопшти Коѕијас, името на нашата држава мора да биде испишано на македонски јазик со кирилично писмо, но со можност за транскрипција на англиски јазик, смета универзитетскиот професор Лазар Лазаров.

– Не знам што точно содржи нацрт-спогодбата што Коѕијас ќе му ја врачи на Димитров, но сметам дека повторно ќе станува збор за веќе познатите неколку предлози. Но, името ќе мора да биде испишано на македонски јазик и со кирилично писмо. За оваа работа се побунија Албанците во Македонија кои велат дека транскрипцијата не би била возможна на нивниот јазик, но иако тие се составен дел на нашата држава, сепак треба да сфатат дека како малцинство немаат право да оспоруваат меѓународни спогодби. Едноставно, сите земји од светот така функционираат, па затоа и ние мора да се држиме до правилата – вели Лазаров.

Според него, предлогот „Република Вардарска Македонија“ е најприфатлив, додека, пак, како што вели, предлогот „Нова Македонија“ уште веднаш треба да го отфрлиме затоа што ќе ни нанесе огромна штета.

– Засега во игра се предлозите „Нова Македонија“, „Горна Македонија“ и „Вардарска Македонија“, но првиот предлог никако не треба да го прифатиме затоа што тоа име ќе сведочи дека ние сме нова држава како дрво без корен. Ние имаме свој народ, а со тоа име ќе го загубиме правото за културно-историското наследство од овие простори. Според мене, најдобро решение е „Република Вардарска Македонија“, или пак, „Република Македонија (Скопје)“ – објаснува Лазаров.

Професорката Викторија Кафеџиска од Европскиот универзитет вели дека грчкиот министер ќе го донесе тоа што ќе го донесе, но наша обврска е внимателно да го разгледаме пакетот и внимателно да одлучиме за натамошните постапки, оти во спротивно, како што вели, многу лесно можеме да бидеме изманипулирани и да изгориме.

– Ако се анализира дека нашиот премиер рече дека до јули годинава очекува решение на спорот за името, тогаш е очигледно дека преговорите со Грција се одвиваат со голема брзина. Коѕијас ќе ја донесе нацрт-спогодбата, а наше е да не дозволиме да се исполнат сите грчки барања како што е промената на Уставот. Не сакам да лицитирам со предлозите за името, бидејќи кое име и да биде избрано, ако не се бара од нас да ги менуваме пасошите, личните карти и другите документи, тоа ќе значи дека изборот е добар и дека идентитетот е заштитен – објаснува Кафеџиска.

Таа вели дека треба внимателно да се размисли и за јазикот на кој ќе се употребува новото државно име.

– И претходно имаше предлози името да се пишува со кирилично писмо онака како што ние го читаме – Македонија – со буквата „ј“ помеѓу двете самогласки. Но, проблем е тоа што кога овој збор ќе се транскрибира на англиски јазик, тогаш буквата „ј“ ќе се претвори во „ж“, па целиот збор ќе се чита – Маседонижа. Сметам дека треба добро да се размисли за овој проблем и да се изнајде добро решение пред да се прифати било каква спогодба – вели Кафеџиска.