Мичел до Заев: САД ги поддржува Грција и Македонија да дојдат до единствено решение, поканата за НАТО останува отворена

165
Фото: Борче Поповски

Остануваме посветени на процесот на градење доверба, на заедничките вредности, но и на регионалната соработка во делот на безбедноста и на секој друг план. Денеска му посакав добредојде на Мичел кој е за првпат во Македонија во ова својство. Му ја пренесов мојата благодарност на него и на САД кои секогаш ја подржуваат Македонија, изјави предмалку премиерот Зоран Заев по средбата во владата со американскиот помошник државен-секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел.

– Го известив дека направивме исчекор да ги надминеме застарените стереотипи, во стратегијата на ЕУ за Западен Балкан се истакна дека сме направиле значителен исчекор и очекуваме до јуни да започнеме преговори со Унијата. Ова се совпаѓа со друга наша стратешка цел, а тоа е членство во НАТО во јуни. Во оваа насока разговаравме за новите моменти за спорот со Грција, го изразив моето лично уверување дека ќе дојдеме до решение. Сите наши досегашни достигнувања се заеднички успех на сите партии во Република Македонија. Реформите мора да продолжат, бидејќи тоа ќе не направи едно опшество за сите граѓани – истакна премиерот Заев.

Американскиот дипломат Венс Мичел посочи дека со премиерот Заев зборувале за проблемот со името, регионалната безбедност и продлабочување на економската размена помеѓу САД и Македонија.

– САД и се подршка на Македонија како регионален партнер и сојузник и нашите мисии во Авганистан преку НАТО мисиите. САД ја подржуваат Македонија на патот кон ЕУ и НАТО. Се отвараат нови можности за решавање на спорот околу името со Грција, важно е да се продолжи процесот кој САД го подржува. Вратата на НАТО останува отворена и останува поканата од 2008 година – рече Мичел.

На прашањето, која е конкретната порака која му ја пренел на Заев, Мичел рече дека САД ги поддржува Грција и Македонија да дојдат до единствено решение околу спорот за името.

– Единственото решение ќе биде заедничкото решение. Македонија презеде големи чекори во организирањето на преговори и ова отвара простор за решение. Самитот на НАТО доаѓа наскоро, но поканата за членство не е поврзана со точен датум или настан – рече Мичел.

Премиерот Заев додаде дека процесот на решавање на спорот со Грција продолжува да се одвива под покровителство на ООН.

– Ако е потребна помош очекувам од пријателите помош и конечно граѓаните на двете земји да видат бенефити од постигнатото решение – нагласи Заев.

Прашан за нацрт-спогодбата што ќе ја донесе Коѕијас при неговата посета месецов во Скопје, Заев одговори:

– Договорот меѓу мене и Ципрас и меѓу министрите Димитров и Коѕијас е дека секој документ би бил од помош и е вреден за разгледување. Сѐ што е од помош ќе го искористме во процесот. Двете страни сме согласни дека процесот треба да продолжи. Тој треба да биде верификуван во Обединетите нации, кои го водат процесот.

Стефан Атанасов