Меркел и Макрон на крштевка во Софија

Доколку сè оди според планот, во следните неколку недели треба да се изработи финалната верзија на текстот од постигнатото конечно решение, а веднаш потоа договорот треба да се испрати на одобрување во парламентите од двете земји и со тоа да се овозможи уште во јули годинава Македонија да добие официјална покана за членство во НАТО, откриваат дипломатски извори.

Фото: EPA-EFE/RONALD WITTEK

Пишува: Мартин Богатиноски

 

Премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, денеска во Софија да го потврдат меѓудржавниот договор, а конечното решение за долгогодишниот спор за името ќе биде постигнато до средината на јуни, тврдат извори од дипломатијата. Дотогаш на министрите за надворешни работи Никос Коѕијас и Никола Димитров ќе им се даде зелено светло  за финализирање на последните елементи од договорот. Владиниот портпарол Миле Бошњаковски вели дека силен акцент ќе добијат и средбите на македонскиот премиер со германската канцеларка Ангела Меркел и со францускиот претседател Емануел Макрон на Самитот за ЕУ-Западен Балкан што се одржува во главниот град на Бугарија.

Доколку сè оди според планот, додаваат дипломатите, во следните неколку недели треба да се изработи финалната верзија на текстот, а веднаш потоа договорот треба да се испрати на одобрување во парламентите од двете земји и со тоа да се овозможи уште во јули годинава Македонија да добие официјална покана за членство во НАТО. Според информациите што ги објави Канал 5, пак, во договорот наводно ќе има одредба која на директен начин ќе биде врзана со уставните измени, односно грчкиот парламент ќе дозволи приемот во НАТО да стане ефективен откако ќе биде исполнет условот за „ерга омнес“. Како што е веќе познато, новото име на државава најверојатно ќе биде „Република Горна Македонија“ напишано одвоено и со превод на англиски јазик, а како што пишуваат грчките медиуми, по евентуалните уставни измени, името ќе биде во севкупна употреба.

 

Исчекор кон конечно решение

 

Оваа во Софија ќе биде втора тет-а-тет средба помеѓу премиерот Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас, а разговорите меѓу двајцата премиери ќе се одржат на маргините на самитот на кој треба да се расправа за европската перспектива на земјите од регионот.

Како што најави Заев, целта на состанокот е да се рекапитулира тоа што досега било дискутирано меѓу двете земји и во исто време да се дадат насоки за следните чекори.

– Успехот што досега го постигнаа министрите за надворешни работи е за почит. Се надевам дека токму на Самитот ЕУ-Западен Балкан и на средбата со грчкиот премиер ќе можеме да ги потврдиме досегашните успеси и да проговориме за начините за изнаоѓање решение – рече Заев.

Портпаролот на македонската влада, Миле Бошњаковски, вчера изјави дека претстојната средба на двајцата премиери претставува исчекор кон конечно решение.

– Во однос на средбата, премиерот Заев јавно кажа дека е премногу рано да се очекува такво нешто, но мислам дека оваа средба е исчекор кон конечно решение – рече Бошњаковски.

Тој посочи и дека Заев со германската канцеларка Ангела Меркел ќе има одделен состанок, односно билатерална средба, како и со францускиот претседател Емануел Макрон.

Околу можноста за постигнување решение на проблемот со името, пак, извори од грчката опозициска партија Нова демократија (НД) велат дека нема да прифатат никакво решение „на рати“, бидејќи како што тврдат, со тоа не би се исполнил условот за договорот да биде траен. Лидерот на партијата, Киријакос Мицотакис, вчера во Софија изјави дека нема да прифати никаков притисок од страна на ЕУ или на НАТО во врска со името на северниот сосед.

Според него, Грција не треба да прифати решение со одложено дејство, а како што истакна и одговорниот за надворешна политика на НД, Јоргос Кумуцакос, само конечно име и промена на македонскиот Устав би биле гаранција за поддршка.

– Потребна е промена што нема само да претпостави, туку и ќе гарантира и ќе се примени во практика пред каков било конечен договор – вели Кумуцакос.

 

Напомош Меркел и Макрон

 

Работите одат на добро и јас имам некои сознанија дека преговорите наскоро ќе завршат и спорот за името делумно ќе биде решен, објаснува универзитетскиот професор Лазар Лазаров.

– Сметам дека некои работи ќе останат недовршени, но Македонија ќе влезе во НАТО и ќе почнат преговорите за влез во ЕУ. Најверојатно новото име на нашата земја ќе биде Горна Македонија, меѓутоа ние ќе си останеме Македонци и никој нема право да ни забранува. Кога станува збор за денешните средби на премиерот Заев со Ципрас, со Меркел и со Макрон, сметам дека тоа значи оти топката веќе се наоѓа во рацете на големите играчи и дека тие активно ќе се вклучат во решавањето на македонско-грчкиот спор. Во секој случај, очекувам дека почетокот на преговорите за влез во НАТО ќе биде јуни годинава, а веднаш потоа очекувам да започнат преговори за добивање датум за преговори за влез во ЕУ – објаснува Лазаров.

Политичкиот аналитичар Андреја Стојковски во изјава за Радио Слободна Европа смета дека не може преговорите да бидат засновани на тоа оти Македонија ќе прифати сè за да почнат преговорите со НАТО и со ЕУ, а како што вели, Грција ќе се обврзе дека нема да ја блокира Македонија или дека ќе го испочитува договорот што ќе биде постигнат. Од овие причини Стојковски смета дека евентуално станува збор за временска рамка што ќе дозволи процесите да течат во оној момент кога ќе се постигне договор меѓу двете земји.

– Македонија ќе треба да ги почне процедурите за промена на името со известување во ОН за промена на името за меѓународно користење или каков и да биде договорот, а Грција ќе треба да се сложи со отворање на пристапните преговори и упатување на покана за придружување за членство во НАТО. Пристапувањето во НАТО е процедура што трае година и половина. Практично како договор што вели: да, ќе станете членка и на ЕУ и на НАТО, ќе имате доволно време да ги исполните сите работи, а во меѓувреме ќе ви дадеме шанса да се чувствувате европски и да продолжите да се развивате реформски – вели Стојковски.

Со други зборови, Македонија ќе добие покана за членство и ќе биде третирана како членка на НАТО, но нема да има формално членство.

– Ќе ни биде упатена покана за пристапување во НАТО, а во меѓувреме ќе почнеме процес на преговори на пристапниот протокол и негова ратификација во националните парламенти. Тоа е година и половина. Блокада може да се случи само ако Грција не го ратификува протоколот – вели Стојковски.