Македонија ќе добие датум за почеток на преговорите со ЕУ без решен...

Македонија ќе добие датум за почеток на преговорите со ЕУ без решен спор со Грција?

356
SHARE
Фото: http://www.dw.com

Деканот на правниот факултет во Битола Горан Илиќ, во исчекување на најновиот извештај на Европската Комисија за напредокот на Македонија, вели дека Советот на Европската Унија најверојатно овојпат нема да го блокира отпочнувањето на преговорите помеѓу Македонија и Европската Унија.

– Оваа година и без да го решиме спорот со името со Грција, најверојатно ние ќе добиеме датум за почеток на преговорите. Мислам дека тоа веќе е одлучено, и двата процеси, преговорите со Грција и преговорите со ЕУ ќе одат паралелно. Условот ќе биде до денот на полноправното членство ние да го имаме решено спорот со Грција – вели Илиќ.

Тој додава дека Албанија, иако за првпат добива препорака за почеток на преговорите од Европската Комисија, ќе ги започне преговорите со Унијата.

– Најчесто, при првата препорака од ЕК државите ги започнувале преговорите, бидејќи со препораката ги исполнувале Копенхашките критериуми. Од Балканот, Македонија и Турција имале најмногу дополнителни критериуми, но проблемот со Турција е од друга природа – вели професорот.

Илиќ вели дека сега препораката се праќа до Советот на Европската Унија каде се одлучува едногласно.

– Политиката во делот на проширувањето на Унијата влегува во витални прашања и Советот ќе биде свикан за брзо време и ќе дознаеме дали ќе добиеме датум за почеток на преговорите – објаснува професорот.

Во извештаите на ЕК честопати се споменува дека „ЕУ нема да увезува билатерални проблеми“ но Србија, иако го нема решено проблемот со Косово, ги има започнато преговорите со Унијата.

Професорот Илиќ вели дека разликата помеѓу споровите помеѓу Македонија и Грција и Србија и Косово е во тоа што вториот проблем има многу зголемена потенција за конфликтност.

– Не се споредуваат овие два спора, таму станува збор за територија, отцепување и страстите се многу поизразени. Во нашиот случај, Грција и Македонија никогаш нема да започнат војна поради спорот со името. Постојат и во овој спор некои радикални крила, но нема доволно гориво во случајов за започнување на државна војна – завршува професорот Илиќ.

Стефан Атанасов

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY