Иванов го штити Уставот со тоа што го прекршува

Ако и покрај успешниот референдум, шефот на државата одлучи да не го потпишува договорот, тогаш Владата ќе има две опции. Прво, Собранието да го изгласа договорот по вторпат и да го објави без потписот на претседателот, и второ, да чека смена на претседателот и договорот да може да биде потпишан без никакви проблеми, објаснуваат експертите.

Фото: Борче Поповски

Пишува: Мартин Богатиноски

 

Претседателот Ѓорге Иванов нема да може да го спречи процесот на ратификација на договорот помеѓу Македонија и Грција, објаснуваат политичките аналитичари и тврдат дека неговиот потпис е потребен, но не и неопходен. Доколку шефот на државата одбие да го потпише текстот по второто гласање во Парламентот, велат експертите, тогаш потпис во негово име ќе може да стави актуелниот собраниски спикер Талат Џафери. Аналитичарите посочуваат дека постои и голема веројатност Иванов да се предомисли и сепак да го потпише договорот, оти како што објаснуваат, мнозинството граѓани би можеле да го дадат својот глас на референдумот и евентуалното непотпишување би го свртело шефот на државата против волјата на народот.

 

Несогледливи последици

 

Мојот став е конечен, нема да поддржам и да потпишам ваков штетен текст на договор за менување на името, изјави македонскиот претседател Ѓорге Иванов и истакна дека со договорот биле прекршени позициите што досега биле изградени.

– На средбата со Заев и со Димитров им соопштив дека ова е нивни личен договор, нивна одлука и нивна одговорност. Договорот е недостоинствен и неприфатлив, а со него се кршат Уставот и законите – рече Иванов.

Тој додаде дека со договорот не се предвидува само промена на името, туку и промена на преамбулите, меѓу кои и бришење на членот од Уставот за македонското малцинство.

– Договорот нема правна сигурност и гаранции за македонската страна. Грција успеа да ги исполни нејзините барања. Тоа што го направи со Македонија во Грција, преку договорот настојува да го направи и со Македонците во Македонија – истакна претседателот.

Шефот на државата постави прашање дали е достоинствено да се прифатат сите грчки барања и ултиматуми, додавајќи дека со овој договор се отвораат повеќе прашања отколку што се затвораат и смета дека тој ќе предизвика несогледливи последици за Македонија и за македонскиот народ.

– ЕУ и НАТО не смеат да бидат алиби за штетен договор и тој не го обединува општеството, туку дополнително го поларизира. Грција успеа да си ги исполни максималистичките барања, се деградираат стекнатите права во ОН и се погазува заветот на нашите предци. Се погазува 73-годишното право на самоопределување и 27-годишната независност. Погазено е сè што е свето за Република Македонија – истакна Иванов.

 

Можно е да се предомисли

 

Поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски, објаснува дека во случај ако шефот на државата одбие да го потпише договорот по второто гласање, тогаш потпис ќе може да стави актуелниот собраниски спикер Талат Џафери.

– Сосема е јасно дека меѓународните договори ги потпишува претседателот на државата, но и Владата, во случај кога тоа е предвидено со Законот за потпишување и ратификување на договори, како и со Законот за извршување на меѓународните договори. За да се заврши успешно целата работа околу договорот со Грција, Владата ќе треба да потпише договор за пријателство и соработка и тој договор да го потпишат премиерите на двете земји. Потоа, во Собранието ќе треба да се донесе Законот за ратификација на договорот, а доколку претседателот Иванов одбие да го потпише по второто гласање, тогаш потпис ќе може да стави претседателот на Собранието Талат Џафери. Тоа значи дека во овој случај Иванов не е важен фактор за да се постигне решението, а сметам дека и тој самиот многу добро го знае тоа и токму затоа во лутина одби да разговара со премиерот Заев и со министерот Димитров – објаснува Петковски.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека постои голема веројатност Иванов да се предомисли и да го потпише договорот, бидејќи како што вели, мнозинството граѓани би можеле да го дадат својот глас на референдумот.

– Ако и покрај успешниот референдум Иванов одлучи да не го потпишува договорот, тогаш Владата ќе има две опции. Прво, Собранието да го изгласа договорот по вторпат и да го објави без потписот на претседателот, и второ, да чека смена на претседателот и договорот да може без никакви проблеми да биде потпишан – вели Арсовски.

Аналитичарот Андреја Стојковски, пак, објаснува дека најголема улога ќе одигра успехот на референдумот, бидејќи граѓаните ќе го дадат својот глас и евентуалното непотпишување би го свртело шефот на државата против волјата на народот.

– Иванов ги кочи процесите многу долго време и ова нема да му биде првпат. Тој ја кочеше земјава и со мандатот минатата година, и со законот за амнестија, па веќе стана познат по титулата господин претседател што го штити Уставот со тоа што го прекршува – вели Стојковски.