Интервју-Александар Михајлоски, реформатор од ВМРО-ДПМНЕ: Груевски е политичар од минатото и таму треба да остане

Фото: Борче Поповски

Притисоците не даваат резултат, туку напротив дополнително ја зголемуваат определбата на нашите поддржувачи, со цел унапредување на демократијата во партијата, а пред сè правото на слобода и говор.

 
Мартин Богатиноски

 

Реформите во опозициската ВМРО-ДПМНЕ се неопходни со цел да се врати довербата кај граѓаните, но и партијата да се врати во рацете на членовите и конечно да се ослободи од политичката изолација во која плива со години наназад, вели Александар Михајлоски од иницијативата за спроведување реформи во ВМРО-ДПМНЕ.

Тој вели дека ова не претставува внатрешна борба за власт, туку напротив, обид за демократизација и враќање на силата кај обичното членство. Михајловски е член на ВМРО-ДПМНЕ од 1996 година, а политичката кариера ја започнал како претседател на Правната комисија и на Комисијата за надворешна политика во партијата, а исто така бил член на Централниот и Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, како и член на Унијата на млади сили. Речиси целиот живот го посветил на оваа партија, но како што и самиот раскажува, високото раководство ги преминало сите граници и токму сега е моментот да се направат потребните реформи во партијата, но и смена на кормилото во ВМРО-ДПМНЕ.

 

  1. Реформите во ВМРО-ДПМНЕ за кои се залагаат дел од актуелните членови од партијата во голема мера го привлекоа вниманието во јавноста. Постојат ли уште притисоци и закани?

 

– Притисоците се очекувани и ние бевме подготвени на тоа. Реален проблем се притисоците што им се вршат на членовите на ВМРО-ДПМНЕ, односно оние членови што јавно ја поддржаа иницијативата за демократизација на партијата. Ние како иницијатива ја започнавме акцијата „ѕид на срамот“, каде што јавно ги објавуваме партиските и другите функционери што се закануваат со бркање од работа, назадување на работните места и слично. Ваквите притисоци не даваат резултат, туку напротив дополнително ја зголемуваат определбата на нашите поддржувачи, со цел унапредување на демократијата во партијата, а пред сè правото на слобода и говор. Во ВМРО-ДПМНЕ мора да се престане со практиката да биде етикетиран секој член што размислува поинаку од лидерот. Тоа е во целост спротивно на конзервативната идеологија.

 

  1. Во групата реформатори“ досега се приклучија голем број активни членови на најголемата опозициска партија. Какви се нивните лични реакции и очекувања, но и какво е расположението во сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ?

 

– Реакциите на сите оние што се приклучија кон иницијативата се искрени и позитивни. Повеќето ја препознаваат потребата од реформи, пред сè во правец на демократизација на партијата, како и промена на политиките на партијата. На сите членови во партијата им е јасно дека нема иднина без суштински реформи во ВМРО-ДПМНЕ. Јасни се пораките од членовите, домашната јавност и од нашите пријатели од европските народни партии. ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија помина повеќе фази во своето постоење и оваа фаза на целосна приватизација на партијата и кочење на природните процеси за внатрешни реформи ќе биде надмината. Реформите во ВМРО-ДПМНЕ ќе се случат, партијата ќе се врати кон своите корени, но како модерна конзервативна партија, која ќе биде конструктивен фактор во Република Македонија и која ќе придонесе за вистински реформи и прогрес на државата.

 

  1. Што е, според вас, проблемот во функционирањето на ВМРО-ДПМНЕ?

 

– Недостиг на демократски капацитет и целосната узурпација на партијата од страна на Никола Груевски беше главниот проблем на ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период. Не е спорно тоа што првите три години од владеењето на Груевски беа добри, но сепак, подоцна тој стекна популарност и почна да победува, но почна и да застранува. Партијата од демохристијанска десница се претвори во движење и започна регрутација на кадри кои не се идеолошки блиски до ВМРО-ДПМНЕ, но беа сервилни кон политиките на лидерот. На тој начин замре секоја критичка и конструктивна мисла во ВМРО-ДПМНЕ. Прво сите бевме затекнати и молчевме, но како одминуваа годините, сè поголем број интелектуалци си заминуваа. Во моментов, најголем проблем е изгубената доверба во лидерот на партијата, а тоа е последица на погрешните политики во изминатите години. Во една таква позиција, а имајќи го предвид начинот на кој се носеа одлуките во тесен круг, односно, само од еден човек, нормално е после сето тоа членството да изгуби доверба, а лидерот да си понесе одговорност.

 

Фото: Борче Поповски
  1. Во изминатиов период одржавте работни состаноци во Европскиот парламент во Брисел и остваривте повеќе средби со политичари од Европскиот парламент и од Европската народна партија. Со какви резултати се вративте?

 

– Средбите со европарламентарците што ги остваривме во Европскиот парламент беа голем успех за нас како иницијатива. Целта на нашата посета беше изворно да ги презентираме целите на иницијативата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ и воедно да ја презентираме декларацијата „Европско ВМРО-ДПМНЕ за европска Македонија“. Оценивме дека е потребно да им покажеме на нашите партнери и пријатели во Европа дека во Македонија навистина имаат кредибилен партнер, кој силно се залага за интеграција во Европската Унија и НАТО. Во моментот, во Европскиот парламент, групата на европските народни партии е најголема и воедно во неа членуваат најсилните политички партии во Европа, како ЦДУ на Ангела Меркел, која е најголем поддржувач за проширувањето на ЕУ и интеграција на земјите од Западен Балкан.

 

  1. Каква беше реакцијата на европските политичари?

 

– На Македонија ѝ е потребна силна партија со центродесничарска ориентација, со цврсти европски вредности, за какви што се залагаме да биде реформираната ВМРО-ДПМНЕ. Потребата од таков партнер е препознаена и во Брисел, од нашите соговорници со кои остваривме средби, кои дадоа поддршка на реформите за кои се залагаме. Во нас препознаа искрена желба и заложба Република Македонија да се врати на евроинтегративниот пат, со отворен и инклузивен политички дијалог. Уверени сме дека столбовите на декларацијата „Европско ВМРО-ДПМНЕ за европска Македонија“ се цврста основа за градење напредни политики, кои ќе бидат одговор на реалните потреби на граѓаните и бизнисот.

Амнестија да, но и одговорност за местените судски случаи

Доколку констатираме дека постојат политички затвореници во нашите затвори, за што сè повеќе има уверување во јавноста, дека многу луѓе беа жртви на политички хајки и прогон, за нив правдата нема да биде задоволена само со амнестија, туку е потребно и утврдување на одговорност на лицата што ги создале таквите затвореници и нивно изведување пред лицето на правдата. Од друга страна, доколку некое лице е во затвор поради докажана вина во законски спроведена и правична постапка, без разлика дали е јавна личност или политичар, треба да си ја отслужи комплетната казна.

По изборите Груевски да си поднесе оставка на конгрес

ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори со освоени приближно 450.000 гласови и 51 пратенички мандат не успеа да формира парламентарно мнозинство и да ја состави Владата. Очекувано е дека ВМРО-ДПМНЕ нема да може да го повтори овој изборен резултат, зашто е јасно е дека партијата под водство на Груевски ја губи поддршката на граѓаните и дека без суштински реформи нема да ја добие довербата потребна за да ја води Република Македонија. Искрено се надеваме дека ќе победи разумот и дека, како што Љубчо Георгиевски во 2003 година дозволи ВМРО-ДПМНЕ да се регенерира како политичка сила, сега и Никола Груевски ќе поднесе оставка, со цел да се организира конгрес и членовите ќе можат да изберат ново лидерство. Обидот да се промовираат нашите политики од страна на Груевски и начинот на кој беа прифатени од јавноста, покажува дека тој е безидеен и без концепт како понатаму да го води ВМРО-ДПМНЕ. Тој е политичар од минатото и таму треба да остане.