Фрчковски: За „ерга омнес“ доволен е меѓународен договор

2199

Професорот Љубомир Фрчковски смета дека не треба жестоко да реагираме на изјавите на Ципрас и дека терминот „ерга омнес“ е термин од меѓународното право.

Грчкиот премиер, Алексис Ципрас, вчера на состанок со пратеничката група на неговата партија СИРИЗА, меѓудругото, говореше и за преговорите за името. Тој изјави дека предуслов, за да важи името за севкупна употреба, односно „ерга омнес“, е промена на Уставот на Република Македонија.

Овој став на Ципрас директно се коси со ставовите на македонскиот премиер, Зоран Заев, кој неодамна изјави дека не гледа потреба од промена на Уставот.

Професорот Љубомир Фрчковски смета дека не треба жестоко да реагираме на изјавите на Ципрас и дека терминот „ерга омнес“ е термин од меѓународното право.

– Ципрас го разбира и внатрешно и надворешно терминот, а ерга омнес е термин од меѓународното право кој се однесува во меѓународното право, значи кон сите други држави – вели Фрчковски.

Професорот коментира дека Грција постојано го проширува терминот „ерга омнес“.

– Прво беше промена на референцата ФИРОМ само во меѓународните организации каде што ние сме членки. Потоа новото име не ја заменува референцата ФИРОМ само во меѓународните организации туку се однесува и со сите други држави, и оние што не признале под уставното име. Тоа е повторно проширување на „ерга омнес“ но сепак во меѓународните односи и во меѓународното право, со договор. Тука „ерга омнес“ треба да застане, за внатрешна употреба не треба да ги интересира – објаснува Фрчковски.

Тој додава дека за постигнување на „ерга омнес“ употреба доволен е меѓународен договор.

– За да се постигне „ерга омнес“ може и со меѓународен договор кој во овој случај е посилен од Уставот, иако не е формално-правно посилен, меѓутоа во овој случај тој се јавува како посилен затоа што не може да се промени ако еднаш веќе го направиме. Ние Уставот утре можеме да си го промениме ако си направиме мнозинство и можеме да го менуваме колку сакаме, Уставот нив не им е гаранција, нив гаранција им е меѓународниот договор кој е потпишан со гарантори како Обединетите Нации. Тогаш проблемот се затвора – завршува професорот Фрчковски.

Стефан Атанасов