ПОЛИТИКА

ЕУ: Македонија ќе добие датум и без потпис од Иванов

Фото: Дојче Веле

Комесарот за проширување Јоханес Хан вели дека е уверен оти земјите-членки на ЕУ ќе дадат зелено светло за почеток на пристапни преговори со Македонија, пренесува Дојче Веле.

Договорот на премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев кој би требало да му стави крај на деценискиот спор околу името и даде замав на европската политика на проширување во регионот.

„Претставниците и на најнеодлучните земји-членки констатираа дека доколку има решение за името, тоа ќе создаде морален притисок врз сите нас да реагираме“, вели комесарот Хан.

Тој е уверен дека земјите-членки на ЕУ на крајот на јуни во Брисел ќе ја поддржат препораката на Европската комисија и ќе одредат датум за почеток на преговори. Уште повеќе, Хан смета дека земјите-членки сфатиле оти имало грешки од страна на ЕУ кога е во прашање Македонија.

„Ако девет пати не одговорите позитивно на препораката за почеток на пристапни преговори тоа води кон назадување на земјата, како што и видовме, а кулминација беше 2015 година“.

Во Европската комисија сметаат дека договорот на Скопје и Атина ги содржи и следните чекори околу тоа што, кога и како треба да се спроведе и дека во таа смисла земјите-членки не би требало да се сомневаат во можноста од спроведување на зборовите во дела, што досега беше честа пракса на Балканот.
Се наведува дека и натамошното одбивање на претседателот Иванов да стави потпис врз договорот нема да има влијание врз одлуката на ЕУ за почеток на преговори.

Јоханес Хан сепак споменува дека освен својата уставна улога, претседателот Иванов мора да сфати дека постигнатиот договор води кон нормализација на состојбата поради која „никој не беше среќен речиси три децении“, и дека „секоја нормализација води кон подобри можности и подобри услови за живот за сите граѓани“.

Придружете ни се Facebook