Димитров: Сакам мојот народ да биде со исправена глава кога ќе решиме нешто

230

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во интервју за бугарската телевизија „Нова“, вели дека тој и неговиот грчки колега Никос Коѕијас сакаат да го решат спорот со името, но дека имаат и разлики околу тоа како треба да се реши проблемот.

– Ние сме многу оптоварени со нашата историја. Ние сме многу горди нации. Сите на Балканот. Важно е да се покаже на остатокот од Европа дека овде на Балканот можеме да се однесуваме европски. Битката е помеѓу силите на иднината и силите од минатото. Сакам мојот народ да биде со исправена глава кога ќе решиме нешто и ќе се ракуваме – истакна Димитров.

Тој потенцира дека во моментот, национализмот е слаб во Македонија и дека сегашната влада се обидува да го замени со „визионерски патриотизам“.

– Затоа сме многу благодарни на бугарското претседателство, бидејќи, во тешка ситуација за Европа – заедно со „Брегзит“ и мигрантската криза, бугарското претседателство успеа да го врати Западен Балкан на дневен ред. Многу е важно да го фатиме овој воз. Долго време сме во чекалницата, важно е за нас, исто така е важно за стабилноста во регионот да се качиме на него – вели Димитров.