ПОЛИТИКА

Џафери им се налути на пратениците: Си влегувате и си излегувате како сакате! (ВИДЕО)

Фото: Борче Поповски

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, им се налути на пратениците што често излегуваат од салата наместо да седат на своите места. Тој беше револтиран што едвај успеаја да обезбедат кворум за да почнат со работа.

– Дали вие размислувате што правите или не?! И должен сум на овој начин, преку микрофон, да ви кажувам! Си влегувате и си излегувате како сакате! Ако не сакате, кажете, дајте оставка, ќе дојде друг пратеник што ќе сака да седи овде – рече Џафери, кој претходно ги потсети дека пред само три дена го донесоа етичкиот кодекс со кој самите се обврзаа дека ќе се однесуваат професионално и одговорно кон работата што ја извршуваат.

Од опозиициската ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека одговорни за оваа ситуација се пратениците од владејачкото мнозинство, кое не може да обезбеди кворум, а координаторот на СДСМ, Томислав Тунтев, пак, ја обвини опозицијата дека е неодговорна што намерно не влегува во собраниската сала само за да нема кворум за работа.

За денеска беа закажани две собраниски седници, на кои се расправаше за измените на Законот за лековите и медицинските средства, на Законот за царинската управа и на Законот за градежните производи, како и предлог-одлуката за општите акти на народниот правобранител. На дневен ред беа и извештајот на Европската Унија, како и извештајот за работата на Судскиот совет за 2017 година.

Придружете ни се Facebook