Политичкото ѓубре од социјалните мрежи ги поплави медиумите

Фото: Слободен печат

Медиумите немаат веќе никаков „филтер“ на политичкиот смет што доаѓа од социјалните мрежи. Политичарите тераат кампањи со пцости и погрдни зборови, а медиумите тоа го голтаат беа трошка задршка.

Последната анкета на Брима покажува дека народот го преферира СДСМ како водечка партија на која и верува и ѝ   ја доверува локалната власт, иако можеби има и забелешки за одредени градоначалници. Се чини Социјалдемократите сè уште се во добра кондиција што ги држи уште од локалните избори во 2017, кога масовно ја „поплавеа“ мапата на Македонија, како волја на граѓаните. Значи јавноста сè уште е на страна на политиките на оваа владеачка партија и од неа очекува решавање на проблемите со кои се соочува.

Можеби за „многумина“ ова е зачудувачки, ако се следи т.н. „јавно мислење“ од социјалните мрежи, или видливата доминација на „незадоволство“ од сегашната власт во медиумите.

Но од каде ваква дискрепанца меѓу јавноста-граѓаните, и „јавноста“- фејсбук.

За сè се виновни медиумите. Тие едноставно немаат никаква „рампа“, или „филтер“ на сè она што како ѓубре доаѓа „од надвор“.

Имено политичарите и нивните верни поддржувачи го продуцираат тој смет со нивниот вординг во изјавите, во соопштенијата, а најмногу по социјалните мрежи. Искомплексирани политичари тераат политички кампањи со ку***и и пи**и, со лажни вести, полувистини и афери без докази, со хејтови, со пцости, а т.н мејстрим медиуми, потонати во своето корито на аматеризам, сензационализам и програмска неартикулираност, ја апсорбираат буицата квази-информативен смет. Дозволија да зависат од социјалните мрежи, каде сепак доминираат мал број луѓе, но кои прават голема бука.

Но ако продолжи вака, ние нема да знаеме што се случува во државата, зашто настаните на кој власта нешто соопштува, не се следат. Никого не го занима тоа. Од пресовите се известува само за прашањата што ги поставуваат новинарите, а кои немаат врска со главниот настан, а кои често пати не се ни прашања, туку коментари од типот „како не ви е срам министре“.

Ееех, Грујо, Грујо…во твое време дали така ќе смееше да се разговара…? Си имаше ред и дисциплина: прво веста, па потоа уште еднаш веста, и уште еднаш (до три пати тонски во вестите) за да се запамети. „А прашања премиере, што се случи со…“? „Не е тоа тема денеска!“. Крај. Опозицијата беше „дубоко у треќи вести“ на МТВ. Сега од опозицијата не можеш ТВ да пуштиш, ни на портал да се логираш. Само нивни изјави, соопштенија, ставови, коментари, све мудраци, увек исти фаци.

Така што Зоки, народ те сака, ама медиумите за кои ти се истураш пари за да ги извадиш од кал, не те сакаат. Дури мислам дека во суштина и не се медиумите како компании, туку се работи за новинарски политички волунтаризам, лична нетрпеливост или партиска наредба. Всушност Зоки медиумите се полни со т.н. „спијачи“ од времето на Груевски, кои си го чекаат своето време, а сега се „независни“ новинари. Па ти види сеа што ќе праиш.

Не е дека СДСМ е „цвеќе за мирисање“ и дека нема маани за кои не треба да се пишува, но сепак се пишува! Не е СДСМ ни толку посилно од ВМРО-ДПМНЕ што ги треска од земја за дупло, но две последователни анкети кои во процент се поклопуваат, ја разбиваат лажно стекнатата медиумска слика дека „овие се готови, тапа се, ништо не направија“. Точно е дека медиумите креираат јавно мнение, но тоа треба да кореспондира со стварноста онолку колку е подносливо за читање. Но никако да создава забуна кај граѓаните.

И јас не сум задоволен од својот градоначалник, и би се кладел дека нема да победи, но партијата повторно го номинираше, како што велат, на база на партиските анкети, кои покажале дека е „омилен“ меѓу месното население!!!

Но, не еднаш постарите колеги ми велеа: „не суди според нас, ние не сме типичен пример на граѓаните“, сакајќи да кажат дека не сме споредбен примерок кој е одраз на волјата на мнозинството.

Па сепак најточна анкета се самите избори. Тие ќе кажат на кого граѓаните му ја дале довербата за решавање на нивните локални проблеми и потреби.

Затоа партиите подобро уште сега да одат од куќа до куќа и да слушаат што велат граѓаните, наместо да зборуваат.

Ако веќе не е доцна.

Видео на денот