Политичко лицемерие и добрососедство

Со олеснување на рестрикциите и отворање на границите кон соседните држави, данската Влада се соочи со силни критики и го повлече барањето со кое секој што ќе патува за Данска кај својот партнер, би бил принуден да ја потврди својата љубовна врска, меѓу другото, со слики или СМС-пораки. Идејата полицијата да ги прегледува телефоните, барајќи таква потврда, наиде на остри критики. Наместо тоа, барањето за докажување на љубовна врска сега ќе биде нешто поедноставно – ќе биде доволно партнерите, пред да се сретнат, да пополнат и да потпишат извесна потврда.

Навиките, нормите на однесување, сфаќањата околу традиционалните вредности, но и функционирањето на демократијата, меѓудржавните и добрососедските односи, според многу показатели се дел од промените што би можеле да станат реалност по завршувањето на корона-пандемијата. Кризата со ширењето на вирусот се доживува и како лекција за фаталната краткотрајност на животот, а што би можело да биде почеток на нешто мошне поголемо. Или, како што тоа го изразува данскиот писател Карстен Јансен, „вирусот може да ја отвори вратата кон подобар свет“.

Но, дали актуелните случувања навистина зборуваат во прилог на такви визии? Споменатиот пример со данските рестрикции, со цел да се дејствува превентивно против можен нов бран на ширење на заразата, за многумина можеби ќе прозвучи апсурдно. Кој е тој што не би доживеал непријатност доколку биде принуден пред граничната полиција да бара начин за да ја докажува својата љубовна врска.

Прочитајте и...  Операција на слепо црево

Данските рестрикции сега добиваат и неочекувани димензии, кои до пред неколку месеци беа незамисливи, кога станува збор за градењето добри односи со соседите. Од неодамна на Данците им е дозволено да патуваат во соседна Шведска, иако Владата и понатаму ги советува данските граѓани да се воздржат од „непотребни патувања во странство“. Но тоа, сепак, не ги поколеба Данците, така што минатиот викенд на мостот Оресунд, што ги спојува Копенхаген и Малме, беа забележани километарски колони возила во насока кон Шведска. Но, не и од спротивната насока.

Данското Министерство за надворешни работи својата препорака да не се патува за Шведска ја поткрепува со тврдење дека кај нивниот источен сосед е поголемо ширењето на вирусот и бројот на смртни случаи, иако тоа, според официјалната статистика, не е точно. Гледано вкупно за целата земја, Шведска има повисок број на починати од корона од соседните земји, но бројката на заразени и умрени во јужниот шведски регион Сконе, чие средиште е Малме, е прилично понизок во споредба со данската престолнина Копенхаген во непосредното соседство.

Но, и покрај тоа, на Швеѓаните им е забранет влез во Данска. Шведскиот пратеник од данско потекло, Нилс Паруп-Петерсен, смета дека тоа што на Данците им се дозволува да патуваат за Шведска и да прават работи што не смеат да ги прават дома, претставува израз на непочитување на фактите и доказ на „данското лицемерие“. Дали пораката што ја испраќа данската Влада навистина така треба да се толкува, веројатно ќе стане појасно во периодот по пандемијата.

Прочитајте и...  Народот на Дурловски

Лицемерие или политички несогласици, потиснати анимозитети, историски рефлекси, можеби и дел од популистичка самоизолација – но дали сето тоа е на пат да го означи новото лице на посткорона светот. Наспроти отворениот пазар на ЕУ, Шенгенскиот безграничен простор, се чини дека како последица од пандемијата се заканува враќање на значењето на државните граници, барем нивната симболична вредност, со напоредно јакнење на значењето на националната држава и на национализмот.

Отворање на границите со селективен пристап – спуштени рампи и забрана за влез на едни и слободно пропуштање на други – не можеше да го заобиколи ни Балканот. Црна Гора реши да не ги пушта Србите по укинувањето на рестрикциите и отворање на границите. Дали тоа е мотивирано од потребата да се преземат мерки за заштита на националното здравје или зад одлуката стои исклучиво политика, е прашање од кое тешко може да произлезе едноставен и рационален одговор. Многу нешта што порано се сметале за политички невозможни да се спроведат, се покажува дека се сосема можни. Нормалноста е прекината, но знаци што би укажувале на нејзино повторно враќање тешко се согледуваат.

Сосема е извесно дека историјата и политичките игри не само што „неоштетени“ ќе го следат отворањето на границите, туку и уште повеќе ќе се профилираат врз засилени националистички платформи на соседски ревизонистички апетити, непризнавање и негативни претензии кон соседите. Каде исчезна идејата за „мини балкански Шенген“ кога албанскиот премиер Рама најавува отворање на границите на неговата земја, но само за етничките Албанци од соседните земји? Има ли некој доволно храброст да верува дека во блиска иднина бугарско-македонската граница постепено ќе се интегрира во безграничниот внатрешен ЕУ-пазар, така што македонските граѓани ќе патуваат кај соседите без потреба да се убедуваат со некого за потеклото на сопствениот јазик и историскиот идентитет? И дали Грците „новата нормалност“ ќе ја означат и со табли на автопатот од Солун кон север, на кои јасно ќе биде означено името на нивниот северен сосед?

Прочитајте и...  Антимакедонски шалабајзери

Стварноста не е предвидлива и однапред одредена, но можно е да биде обликувана. Сепак, треба ли да се биде скептичен дека пандемијата всушност малку ќе влијае на промените во однос на закоравениот начин на сфаќање и однесување кој создава „ненормалност“ во градењето на добрососедските односи.

Човекот не се менува со тоа што ќе седи во карантин. А и политичкото лицемерие се провлекува низ сите историски епохи. Зашто сега би требало да биде поинаку? Песимистите не наоѓаат многу поводи да се препуштат на убави соништа за поразумен и поправеден свет по корона-кризата.

Ќе биде како што е и сега. Веројатно – и полошо.

Прочитај повеќе

Операција на слепо црево

Ерол Шаќири

Народот на Дурловски

Антимакедонски шалабајзери

Сашо Орданоски

Предлогот за премиер Албанец не ги донесе очекуваните политички поени

Фејзи Хајдари

Заев продолжува „службено“ да ги добива дуелите со Мицкоски

Сашо Орданоски

Кога делата се поубедливи од зборовите

Сашо Орданоски

Остави Коментар

Прочитај повеќе

Кратка историја на македонскиот страв

Срѓан Ивановиќ

Пандемијата како економски земјотрес

Многу лош предизборен викенд за опозицијата

Сашо Орданоски

Поддршка на иновативно претприемништво наместо реиндустријализација

Данела Арсовска

Патриотско, глупаво, арогантно и без дух

Ненад Јовановиќ

Сaмо малку, колку форма да има

Жанета Скерлев