Политичките убиства на Балканот

Марин Гавриловски

Големите лидери, идеолози и визионери секогаш биле мета и се трн во окото на оние што сакаат со недемократски методи да ги постигнат своите цели. Промените што значат прогрес, расчистување со минатото, со криминалот или, пак, со ретроградните амбиции на поединци и групи, често се премногу болни за оние што се афектирани од тие промени.

Македонците и Бугарите сè уште спорат за тоа дали тие или ние сме основоположници на модерниот тероризам. Имено, организацијата позната како ВМРО, која во своето постоење променила повеќе имиња како БМОРК, ТМОРО, ВМОРО, ВМРО (Обединета, автономистичка, врховистичка и сл.) во историјата на овие простори е позната како организација што е изумител на она што ние денес го знаеме како тероризам. Целокупната нејзина историја изобилува со убиства, атентати и меѓусебни пресметки на водачите на организацијата првенствено спорејќи го нејзиниот карактер во смисла на тоа дали таа се бори за обединување на сите Бугари или, пак, за основање независна македонска држава. Нејзините активности не завршуваат само внатре во организацијата, таа презема и акции наменети против Отоманската Империја, но и големите сили во тоа време (солунските атентатори). Внатре во организацијата се водела непрекината, како идеолошка, така и реална битка за превласт на едната (македонската) или на другата (бугарската) идеја, а победувал оној што прв го притиснувал чкрапалото на револверот и го убивал противникот. Па, така, Тодор Александров ги убива (меѓу другите), Јане Сандански, Ѓорче Петров и Димо Хаџи Димов, Александар Протоѓеров го убива Александров, а Протоѓеров е ликвидиран од Ванчо Михајлов итн., итн.
Секако, еден од најпознатите атентатори на Ванчо Михајлов, кој стекнал и меѓународна „репутација“, е велинградскиот Бугарин, Величко Димитров Керин, кој ние го знаеме под псевдонимот Владо Черноземски. Тој на 9 октомври 1934 година во францускиот град Марсеј ги убива југословенскиот крал Александар Први Караѓорѓевиќ и францускиот министер за надворешни работи Луј Барту. Убиството на Караѓорѓевиќ е нарачано од Мусолини, а како непосредни извршители се јавиле хрватските усташи на Анте Павелиќ кој имал тесна соработка со ВМРО и Ванчо Михајлов кој пак му го отстапил својот „најдобар“ убиец да ја заврши валканата работа. Убиството на југословенскиот крал значително ја разнишала и така сложената меѓунационална состојба во Југославија, а малолетниот наследник Петар Втори, не бил кадарен да се справи со големите предизвици што доаѓале.
Набргу потоа избувнува Втората светска војна, кога убиствата, сами по себе, биле дел од секојдневието. Анте Павелиќ, како награда ја добива својата Независна Држава Хрватска, а Ванчо Михајлов останува со куси ракави. Имено, и нему Хитлер му нуди, по капитулацијата на Бугарија во 1944 година, во Македонија да создаде независна држава. Тој кусо престојува во Скопје и сфаќа дека му недостасува еден многу битен елемент за држава, а тоа е народ. Никој на Михајлов не му дал поддршка за Хитлеровата идеја, бидејќи поголемиот дел од населението бил или вклучен или, пак, ја поддржувал Народноослободителната борба на македонскиот народ за национално ослободување, по што тој засекогаш ја напушта Македонија и остатокот од животот го минува во Рим, докрај бранејќи ја бугарската кауза и идејата дека Македонија е бугарска. Умира од природна смрт на 5 септември 1990 година, во предвечерието на македонската независност.
Македонија само една година подоцна гласа на референдум за самостојност и сувереност и го добива својот прв претседател Киро Глигоров. Неговото долгогодишно искуство во лавиринтите на југословенската политика му е од голема помош при вршењето на неговата функција, која за примарна цел имаше од Македонија да направи самоодржлива, функционална, независна држава во турбулентниот период на распаѓање на поранешната федерација и војните што се водеа во непосредното соседство. Во тоа време во Србија владее неприкосновениот Слободан Милошевиќ, чие однесување не можеше лесно да се предвиди, неговите следни чекори зависеа од моменталната состојба на геополитичката шаховска табла. Дали случајно или не, само еден ден по средбата со Милошевиќ, на 3 октомври 1995 година, врз Глигоров беше извршен атентат. Првичните прогнози не беа розови. Глигоров тогаш имаше 78 години, но сепак успеа да преживее, да закрепне и докрај да го заврши својот втор мандат. За разлика од тоа, истрагата за атентатот никогаш не заврши. Атентаторите, но и нарачателите никогаш не беа откриени. Останаа само шпекулациите, кои во истрагата не беа докажани, дека во атентатот биле замешани или бугарската компанија „Мултигруп“ или српската разузнавачка служба КОС. Атентатот врз Глигоров значително ја потресе младата македонска држава, но не успеа да ја постигне својата цел, која претпоставувам беше целосна дестабилизација на Македонија и нејзино вовлекување во поширокиот регионален конфликт. Мудроста и искуството на Глигоров во голема мера успеаја да нè задржат настрана од војната на Балканот, тоа не им се допадна на некои, кои, ете, на тој начин неуспешно се обидоа да го променат текот на историјата.
Осум години подоцна во Белград, едни други атентатори успеаја во својата цел. Зоран Ѓинѓиќ беше првиот демократски избран премиер на Србија по падот на Милошевиќ. Неговото лидерство, мудрост и визија беа добра стартна позиција за развој на Србија, излегување од повеќедецениската темнина на режимот на Милошевиќ и нејзино интегрирање во нормалните евроатлански текови. Тоа пред сé подразбираше целосно раскрстување со полициско-мафијашките структури што беа составен дел од српската политика и власт. Специјалната полициска единица – ЈСО или попозната во народот како „Црвени беретки“, беше држава во држава. Тие неколку стотици припадници на единицата, кои потекнуваа од различни структури, од подземјето до верни слуги на режимот на Милошевиќ, не можеа да се помират со фактот дека еден ден ќе мора и на нивното самоволие да се стави точка. И како што напоменав на почетокот од овој текст, битно е да се биде прв кој ќе го повлече чкрапалото. Тие тоа го сторија на 12 март 2003 година и пред вратата на Владата со два истрела го убија Зоран Ѓинѓиќ, а со него и на подолг временски период идејата Србија да стане модерна западноевропски ориентирана држава отиде по ѓаволите. За разлика од Македонија, каде што жртвата преживеа, а атентаторите не беа никогаш откриени, во Србија тие беа откриени и уапсени во првите денови по атентатот, но Ѓинѓиќ не успеа да ја добие последната битка. По неговата смрт, почна процесот на раслојување на она што беше познато како ДОС (обединетата опозиција што успеа од тронот да го симне Милошевиќ), за набргу потоа на власт да се вратат СПС на Милошевиќ, она што произлезе од отпадниците од Радикалната партија на Воислав Шешељ, псевдонационалистите на Коштуница и денешната власт на СНС и Александар Вучиќ. Овој атентат е школски пример како текот на историјата може да се промени само со еден или два истрела. Со ова убиство Србија се врати на своите најлоши „фабрички подесувања“.
Големите лидери, идеолози и визионери секогаш биле мета и се трн во окото на оние што сакаат со недемократски методи да ги постигнат своите цели. Промените што значат прогрес, расчистување со минатото, со криминалот или, пак, со ретроградните амбиции на поединци и групи често се премногу болни за оние што се афектирани од тие промени. По правило, тоа се радикали што не можат да се помират со фактот дека народот на демократски избори им ја дал власта на оние што имаат и сила и знаење како да се борат за доброто на својата земја. Овие другите се борат само за своите лични интереси и цели и затоа кога ќе дојде до ситуација тие две сили да се спротивстават, многу често доаѓа до посегање по најекстремните методи, како што е одземање човечки животи, со цел да се спречат тие нови текови и работите да останат непроменети. За среќа на сегашниве носители на функции во балканските држави, можноста од атентати значително се намалува бидејќи таа е пропорционална со големината и визионерството на лидерите што од година во година се сè помали и помали.

(Авторот е адвокат)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот