Политички илузионизам и национализам

Најновите уцени од официјална Софија се само уште еден романтичарски потфат со до дрскост изразен антимакедонизам.

Уцените што ни ги испорачаа бугарските величествени како „пријателски чин“, настрана фактот колку се тие логични и рационални, во себе ја содржат најбруталната порака – вразумување на Македонците, давајќи им до знаење дека доколку Македонија сака да влезе во ЕУ, треба на бојното поле на историската наука да прифати безусловна капитулација. Да го положи оружјето на фактите. Од колективната меморија да ги исфрли сите погроми од бугарската воена авантура во текот на Втората светска војна. Да ги заборави злоделата од четиригодишната тортура на нејзината фашизирана солдатеска.

Другиот дел од налудничавоста на политичката елита на нашиот источен сосед е содржан во инсистирањето официјална Софија да го негира нашиот национален идентитет и да ја продолжи традицијата на нејзиниот лингвистички тероризам, неповторливата цивилизациска перверзија – присвојување и бугаризирање на мајчиниот јазик на Македонците.

Оној, на кој твореле нејзините преродбенички неимари и на кој се напишани илјадници литературни дела од македонските творци, сместени во витрините на светската книжна ризница. Јазикот на македонските племиња од околината на Солун, на кој пред единаесет века, сесловенските првоучители, браќата Кирил и Методиј, ја извеле големата просветителска мисија на Стариот континент. Придружен потфат на тој софиски апсурд е ортодоксниот грабеж на македонското фолклорно богатство и безмалку на целокупното творештво на народниот гениј.

Ако нешто во никој случај не може да се вклопи во рамките на нормалноста, тоа е инсистирањето на челниците од Софија да изнудат бугарскиот фашизам и милитаризам од хитлеровски профил, демонстриран во Втората светска војна, македонскиот граѓанин да прифати да го перцепира вовлечен во некој нов дрес, со благороднички и хуманитарни димензии. Како продукт на благочестие и безгранична хуманост.

За да не се сфати и овој текст како пропаганден потфат со антибугарска тенденција, ќе се послужиме со констатациите на Бугарската академија на науките, која осведочува дека Бугарија е една од тринаесетте држави кои му припаѓале на фашистичкиот блок. Токму БАН соопштува дека во текот на Втората светска војна, жртви на бугарскиот фашизам биле близу 20.000 бугарски граѓани, припадници на антифашистичкиот отпор. Исто така, тврдење на БАН е дека многу поголем е бројот на жртвите, предизвикани од нивниот терор во земјите кои биле окупирани од бугарската армија.

Во четвртиот том на ” Бугарски хроники”, издадени од софиски “Труд” во 2010 година, дело на хроничарот Стефан Цанев, на стр. 236, забележана е следната констатација: “Светот беше поделен на фашисти и антифашисти… Ние (Бугарите) за жал, бевме на страната на лошите, на фашистите. Ние во Македонија го претставувавме фашизмот… Нашата армија и нашата полиција водеше борба против тамошните антифашисти”.

Во истото дело, на стр. 234, ќе го прочитате следното: “Денес постои држава Македонија. Населението, а посебно интелигенцијата, смета дека народот, кој живее во Македонија, не е ниту српски, ниту бугарски, ниту грчки, туку е народ македонски. А јазикот си го нарекува македонски јазик – писателите и поетите на таа држава пишуваат на тој свој јазик”.

Зошто се сите овие сплеткарења, подло подметнување нога од страна на бугарскиот раководен тим, е мошне провиден и лесно читлив потег. Тој е познат артикл од депоата на бугарскиот пропаганден антимакедонизам. На Софија, колку и да сокрива, ѝ станува жешко под нозете од Преспанскиот договор меѓу Грција и Македонија, со кој се признава постоење на македонска нација и македонски јазик, што е коска во грлото на бугарските националистички кругови, со до патолошки размери изразен антимакедонизам. Влезот на Македонија во ЕУ, би бил дефинитивна капитулација на бугарските бладања за непостоење на Македонци и македонски јазик.

Од друга страна, паѓаат во вода и илузиите на едновековниот проект за претопување, асимилирање и бугаризирање на милионот Македонци, кои по силата на воените погроми во нивната татковина, нашле пристан во границите на таа соседна држава.

Да се надеваме дека овие политички играрии се само уште еден романтичарски потфат со антимакедонски призвук на Софија на балканската политичка табла. Впрочем, и ним им е повеќе од јасно дека не се одвиваат според европските мерила на цивилизираност. Сакале тие или не, Македонците постојат и јазикот свој го говорат. Уцените се продукт на политички илузионизам и национализам.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот