Политичката криза во Израел без епилог

Нетанјаху демантира дека работел незаконски и тврдеше дека против него се води „лов на вештерки“, со цел да биде сменет од власт.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој веќе една деценија се наоѓа на власт, се соочи со една од најтешките ситуации за свој политички опстанок, откако за него беа откриени докази за трет корупциски случај и за помалку од една година се закажаа трети парламентарни избори поради неможноста да се обезбеди мнозинство потребно за формирање влада.

Израелскиот јавен обвинител во февруари поднесе обвинение против Нетанјаху кој по двогодишна истрага се товари за мито и корупција, измама и повреда на довербата. Тој е обвинет дека примал подароци од своите пријатели милијардери, а бил благонаклонет и кон една телекомуникациска компанија во замена за позитивни вести за себе. Ова е прв случај во историјата на Израел актуелниот премиер да е обвинет за кривични дела. Донесена е одлука доказите против премиерот Бенјамин Нетанјаху за корупција да бидат објавени дури по парламентарните избори.

Нетанјаху демантира дека работел незаконски и тврдеше дека против него се води „лов на вештерки“, со цел да биде сменет од власт.

Двата најголеми политички ривала на израелскиот премиер најавија дека на предвремените парламентарни избори ќе настапат со заедничка листа. Израелската партија на отпорот на поранешниот командант на израелската армија Бени Ганц и партијата Има иднина на поранешниот министер за финансии Јаир Лапид се договорија за заеднички настап, а им се приклучи и поранешниот началник на Генералштабот, Габи Ашкенази. Со заедничкиот настап се создаде прва кредибилна алтернатива на владеењето на Нетанјаху.Во декември минатата година израелскиот Парламент изгласа предлог-закон со кој се самораспушти и свика предвремени избори на 9 април 2019 година. Веднаш потоа шефот на израелската безбедносна агенција Шин Бет, Надав Аргаман предупреди дека една странска земја, без да наведе која, има намера да се вмеша во претстојните избори преку кибер напади и хакери. Израелските медиуми, како и голем број европски земји, наведоа дека станува збор за Русија, но Москва ги демантираше таквите тврдења.

Израелскиот премиер предизвикаа жестоки критики во странство кога за време на својата предизборна кампања вети дека, ако повторно биде избран, ќе обезбеди „суверенитет“ за израелските населби во Јорданската долина во окупираниот Западен брег. Нетанјаху кажа дека тоа е историска прилика – и тоа не само затоа што постои можност американската влада по изборите да го објави својот таканаречен мировен план за Блискиот Исток.

Партијата Ликуд на израелскиот премиер иако победи на априлските избори сепак не успеа да освои мнозинство во 120-члениот Кнесет. Коалициските преговори пропаднаа и наместо да го врати мандатот за формирање влада, Нетанјаху распиша нови избори. Овој состав на израелскиот Парламент беше најкусиот во историјата на Израел и траеше само малку повеќе од четири месеци.

Нови парламентарни избори беа закажани за 17 септември. Гласањето, според очекувањата, претставувало референдум за тоа колку долго премиерот Бенјамин Нетанјаху ќе остане на функцијата.

Изборната комисија на Израел го отфрли планот на партијата Ликуд да се постават камери на избирачките места во арапските заедници за време на парламентарните избори, што ќе се одржат во септември. За време на изборите одржани во април Ликуд постави активисти со камери на избирачките места во арапските заедници за, како што рекоа, на тој начин да се борат против изборните измами. Меѓутоа, тоа наиде на осуда од многумина, кои сметаат дека на тој начин се заплашуваат и се спречуваат од гласање припадниците на малцинските заедници.

Конечните резултати од повторените избори во Израел покажаа нова победа на владејачката партија Ликуд, која доби уште едно место во Парламентот, но тоа не смени ништо во врска со проблемите за формирање влада. Десничарската партија на премиерот Бенјамин Нетанјаху доби 32 места во Парламентот, едно помалку од центристичката Сино-бела партија на неговиот ривал Бени Ганц. Со поддршка од други партии, Нетанјаху имаше вкупно 55 пратенички места, а Ганц 54 мандати. Израелските пратеници на 3 октомври положија заклетва во новиот состав на Кнесетот по вторите парламентарни избори годинава, но без индикации дека наскоро ќе се формира влада.

Со оглед на тоа што ултрадесничарската партија на поранешниот министер за одбрана Авигдор Либерман не сакаше со своите осум освоени пратенички места да поддржи ниту еден од кандидатите, во тој случај ниту Нетанјаху ниту Ганц не можеа да формираат мнозинство од 61 пратеник во Парламентот.

Претседателот Ривлин повторно му го додели мандатот на Нетанјаху за состав на нова влада, но набрзо тој се откажа од напорите да формира владин кабинет. Откако тој не успеа, шефот на државата му даде можност на Ганц да се обиде да состави влада, што е првпат по повеќе од 10 години на некој кандидат, освен Нетанјаху, да му се даде можност да формира влада. Лидерот на израелската партија на центарот Сино и бело, исто така, го врати мандатот за формирање нова израелска влада, откако не успеа во предвидениот рок да собере доволен број пратеници за мнозински поддржана владејачка коалиција.

Израелскиот претседател Рувен Ривлин предложи двете партии да влезат во коалиција, во која премиерското место ќе биде ротирачко. Преговорите меѓу израелската владејачка партија Ликуд на премиерот Бенјамин Нетанјаху и опозициската Сино и бело на Бени Ганц завршија без резултат. Ганц, веројатно очекуваше Ликуд да го смени раководството, бидејќи неговата партија не сака да влезе во влада предводена од премиер против кого се водат судски постапки.

Во меѓувреме, партискиот ривал на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пратеникот на Ликуд, Гидеон Саар, официјално побара одржување итни внатрепартиски избори за нов лидер на партијата, во обид да го смени долгогодишниот неприкосновен Нетанјаху. Надежите на актуелниот премиер дека ќе остане на функцијата сериозно се разнишаа откако државниот обвинител Авихај Манделблит кон крајот на минатиот месец ја соопшти одлуката за покренување обвинение против него за измама и злоупотреба на довербата во три корупциски случаи, од кои во еден е вклучен и поткуп. Доколку биде осуден за примање мито на 70-годишниот Нетанјаху му се заканува десетгодишна казна затвор и максимум три години затвор за измама и кршење на довербата. Нетанјаху, кој на оваа функција е непрекинато цели 13 години, најдолго од сите израелски премиери, одлуката на обвинителот ја оцени како „обид за државен удар“.

На крајот израелскиот премиер и лидер на владејачката партија Ликуд предложи претседателот на влада да биде избран преку директно гласање, со цел да се избегнат трети парламентарни избори оваа година. Лидерот на опозициската партија Сино и бело, Бени Ганц го нарече предлогот на Нетанјаху „изборен трик“.

На 11 декември истече тринеделниот период за формирање владин кабинет и дотогаш не беше постигнат компромис. Веднаш беше поднесен предлог закон за распуштање на Кнесетот, кој е усвоен, и нови избори се закажани за 2 март.

Ниту една партија во историјата на Израел нема самостојно освоено мнозинство, туку сите влади биле коалициски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот