Политичка шизофренија или шизофрен народ – Слободен печат
Ви ПрепорачувамеКолумни

Политичка шизофренија или шизофрен народ

Замислете, во овие клучни и неизвесни моменти за нашата држава кога сме во исчекување на тој проклет датум за почеток на преговори со ЕУ, целата политичка опозиција и половина од критички настроената јавност гласно навиваат за Македонија да не добие датум.

Сега веќе со сигурност може да констатираме дека дури и по 28 години не успеавме  да се консолидираме како општество. Не успеваме или не сакаме сеедно, да ги усогласиме индивидуалните мотивации и низ таа призма да ја бараме колективната политичка среќа ако е таа воопшто возможна. Слободно може да кажеме дека живееме во едно политички шизофрено општество (split brain society) и ова важи за сите, политичките елити, интелектуалците се до народот.

Дали однесувањето на народот е последица на тие што владеат или однесувањето на тие што владеат е последица на духовната состојба на владеаните и нивната политичка (не)зрелост, не знам да одговорам, но за мене е многу фрустрирачки и разочарувачки. Декларативно, сите се залагаат за влез во НАТО и ЕУ, а сега кога сме на само чекор до таму, молат Бога тоа да не се случи.

Замислете, во овие клучни и неизвесни моменти за нашата држава кога сме во исчекување на тој проклет датум за почеток на преговори со ЕУ, целата политичка опозиција и половина од критички настроената јавност гласно навиваат за Македонија да не добие датум. Опозицијата предводена од тоа злосторничко здружување наречено вмро од кое не успеавме да се ослободиме некако и ќе ја разберам, тие никогаш, ама баш никогаш, нема да ги стават државните интереси пред партиските, но што да правиме со другите.

Што да правиме со овие таканаречени објективни критичари, интелектуалци, мислители, морализатори. Гледам политички дебати и анализи и слушам дека главната теза е власта не залужува да добие датум за почеток на преговори, не направиле ништо на внатрешен реформски план. Па добро, власта која ги реши двата најголеми историски проблеми, договорите со Бугарија и Грција, не направи доволно, на внатрешен план не заслужува, а заслужува ли народот, залужувам ли јас, ти, моите деца, твоите деца. Почетокот на преговори не значи ништо освен еден многу битен психолошки момент за сите нас, ветер во грб, позитивен сигнал дека сепак припаѓаме во друштвото на европските народи. Па што и да не е залужено, па зарем тоа ќе биде прва политичка одлука донесена од ЕУ, секако не, но од кога тоа ние станавме реалисти, од кога тоа ние не сакаме нешто што не сме заслужиле, дајте ви се молам.

ЕУ, посебно почетокот на преговорите, треба да се разберат како средство, а не како цел. Средство кое ќе ни помогне да излеземе од оваа агонија, кое ќе ни помогне да го залечиме општеството, институциите, средство кое ќе ни помогне конечно да создадеме една политичка нормалност и одржлив демократски систем без разлика која политичка опција е на власт, конечно, средство за да излеземе од оваа ментална институција каде не се знае кои се доктори, а кои пациенти.

Кој сега е нормален во ситуацијава, ние што ова го посакуваме, па макар и незаслужено, или тие што посакуваат ова никогаш да не се случи, па ни тогаш кога ќе биде залужено? Па зарем толку ли не си ја сакате државата бе луѓе?

За вмровското зло е јасно, тие не сакаат нормалност, среденост, интегрираност, тие не може да функционираат во една средена и демократски организирана држава затоа што во такви услови немаат што да понудат. Ним им одговара изолацијата, неизвесноста, мракот, постојаните закани, непријатели, надворешни и внатрешни, тие се таму најдобри, мракот е нивниот терен. А вие другите, што всушност сакате вие?

Едно само ќе кажам, мојата генерација е проклета генерација. Пораснавме во време на распадот на бившата југословенска држава, во војна, со секојдневни слики од убиства на луѓе, жени, деца, масакри, бегалци, раселени лица. Пораснавме во трауми, во изолација, во немаштија. Сакавме да престанат секојдневните закани по секој аспект од животот, копнеевме за достоинствен живот, Европската Унија ни беше сон. Сега кога конечно после 28 години тој сон станува јаве, се јавуваат луѓе од истата таа моја проклета генерација кои јавно се радуваат и посакуваат нивната држава да ја продолжи агонијата.

Секако ќе бидам разочаран доколку сега не добиеме датум за преговори, но тоа разочарување не се ни споредува со разочарувањето од однесувањето на моите луѓе. На крај ќе испадне дека младите од Македонија не бегаат од економски или политички причини, туку бегаат од хипокризијата, од нечовечноста, од себичноста на својот народ.

ЛУЃЕТО БЕГААТ ОД ЛУЃЕТО.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Еден коментар

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close