Политичка катастрофа од историски пропорции

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Сега излегува дека за приемот на Украина – кој наеднаш испадна најважната работа на планетата – ќе биде ставена на коцка судбината на сите нас, и жртвувано целото човештво, само за да се исполни „светото“ право на членство во НАТО?!

Иако веќе има премногу научни докази дека нашата меморија е полна со непостоечки сеќавања што биле отпосле реконструирани врз основа на туѓи прераскажувања и записи, велам, и покрај разбирливото сомневање, безмалку сум сигурен дека имам живи сеќавања на кубанската нуклеарна криза, есента 1962. Се разбира, како седумгодишно дете, ниту слушав вести ниту разбирав за што се работи, но паметам дека татко ми, секој проклет ден од таа сива и влажна есен, имаше особено напнат израз на лицето, слушајќи ги вестите за воено-политичката криза помеѓу двете суперсили што го делеа во тоа време светот, САД и СССР. Се сеќавам на грижата и напнатоста што родителите ја чувствуваа тие денови, кога светот беше на чекор до нуклеарна војна што за неколку денови ќе го избришеше човештвото од планетата.

Интересно е што деновиве, додека слушам вести од светските медиуми за ескалацијата на воено-политичката состојба на границата помеѓу Русија и Украина, сѐ почесто ми се враќаат сеќавањата од пред 60 години. Прецизни чувствени записи за крајната загриженост на сите возрасни и сериозни луѓе за исходот на кризата и, се разбира, за судбината на нивните семејства. Уште поинтересно е што се затекнувам сосем осамен во овие спомени.

Денес како никој да не е загрижен дека форсирањето на волјата за ширењето на НАТО до границите на Русија може да предизвика нуклеарен холокауст што ќе го врати човештвото 65 милиони години наназад. Зарем никој веќе не се сеќава на кубанската криза, и на нејзината неверојатна сличност со денешнава украинска закана? А, би требало, зашто поуките од 1962, ако денес воопшто има кој да ги слушне, би биле важен внес на малку здрав разум во разрешницата на денешниве напнатости.

Кубанската криза

Тогашната криза почна истата година, недолго по пропаста на инвазијата на антикомунистичките сили во Заливот на свињите што САД ја водеше против Фидел Кастрова Куба. Додека администрацијата на Кенеди подготвуваше уште поголем воен напад на Куба, советскиот лидер Хрушчов се согласи со Кастро Советите на Куба да допремат и да инсталираат лансирни рампи и нуклеарни проектили од среден домет, како гаранција за безбедноста на Куба од некоја следна воена инвазија од страна на САД. Некаде во завршната фаза од работите, кога проектилите веќе тргнаа на својот прекуморски пат од СССР до Куба, американските разузнавачки авиони ги снимија инсталациите и ги алармираа Пентагон и Белата куќа. Претседателот Кенеди веднаш излезе пред светската јавност со соопштение дека се загрижени за безбедноста на земјата и дека во никој случај нема да дозволат инсталирање офанзивно нуклеарно оружје толку блиску до нивните граници.

Следниот чекор на Кенеди беше поморска блокада на Куба (што Американците нежно ја нарекоа „карантин“), која требаше да им оневозможи пристап на советските бродови натоварени со нуклеарни ракети. Хрушчов блокадата ја нарече со нејзиното право име, како „акт на агресија“, а советските бродови веќе се доближија до кубанските води. Светот беше на чекор до самоуништување во нуклеарна војна во која победник ќе беа само црните дождови и нуклеарната зима што ќе завладеаја со светот.

Во тој пресуден момент Хрушчов, кој беше учесник во Втората светска војна и имаше јасен увид за размерите на историската трагедија што едно воинствено и малоумно инаетење може да го предизвика секој момент, му напиша писмо на Кенеди во кое го преколнува наместо нуклеарен холокауст да испреговараат разумно и обострано прифатливо решение, кое би било демонтирање на нуклеарните инсталации на Куба од страна на СССР во замена за гаранција за ненапаѓање на Куба од страна на САД. Додека Кенеди – исто така со живи сеќавања за трагедијата на светската војна, загрижен за судбината на светот – со неговите советници го разгледуваа предлогот на Хрушчов, стигна уште едно негово писмо во кое советскиот лидер бара покрај гаранцијата за ненапаѓање на Куба, САД да ги демонтираат балистичките нуклеарни ракети Јупитер што Американците порано ги беа инсталирале во Турција и напериле, се разбира, кон СССР. За овие нуклеарни проектили на границата со СССР, инаку, сознавме многу подоцна, зашто договорот што ја разреши кризата подразбираше демонтирањето на американските нуклеарки во Турција да не биде предмет на јавно објавениот договор, туку тие да се демонтираат тајно, така спасувајќи ја американската гордост во јавноста. Така и бидна, и сите нормални возрасни луѓе на светот престанаа да имаат течна зелена столица, кога на 28 октомври Хрушчов објави дека советските проектили и лансирни инсталации ќе бидат тргнати од Куба.

НАТО и Украина

И, си мислам така, денешниве лидери, лишени не само од харизма, туку очигледно и од мудрост и разум, да беа актери на кубанската криза пред шеесет години, денес на светот ќе вирееја само мутирани алги, лишаи и микроби, стуткани во морски пештери, скриени во вулкански кратери и други дупки, чекајќи да помине бесконечната нуклеарна зима. Зелкиве што денес го водат светот израснаа на видеоигри, во атмосфера на стерилни и безбедни воздушни бомбардирања и егзекуции со беспилотни летала. Тие очигледно немаат имагинација да замислат кој е залогот во ескалацијата на руско-украинската граница, па шефот на нашето родно НАТО со пубертетски израз на лицето објави некни гордо дека „правото на земјите на членство во НАТО е неприкосновено“ и дека НАТО широко ѝ ги отвора вратите на Украина.

Молам?! Правото на членство не може да биде загрозено ниту од заканата за нуклеарна војна, кога е во прашање Украина, заедно со вселенскиот товар на проблеми и ризици што таа ги носи со себе, а – колку што ме служи сеќавањето – за нашето членство едно триесет години ни прегледуваа заби, ни замеруваа за нечисти ноктиња на рачињата, ни правеа колоноскопии и ректални тушеа и што сѐ не, зашто да се влегло во НАТО било привилегија што мора да се заслужи со големи саможртви.

Пеки. Но, сега, излегува дека за приемот на Украина – кој наеднаш испадна најважната работа на планетата – ќе биде ставена на коцка судбината на сите нас, и жртвувано целото човештво, само за да се исполни „светото“ право на членство во НАТО?! Ќе речете дека претерувам и карикирам? Можеби грешам, загаден од стравовите од моите конструирани детски сеќавања? Да чуеме што за таа работа вели Ноам Чомски, веројатно најголемиот жив интелект на планетава.

Вели тој: „Веќе долго време се знае дека голема нуклеарна војна може да создаде нуклеарна зима што ќе го уништи и напаѓачот исто како и целта. А, заканите деновиве се зголемуваат заедно со ризиците, особено на руската граница, потврдувајќи го предвидувањето на Џорџ Кенан и на други проминенти фигури, дека експанзијата на НАТО, особено на начин како што се изведува, ќе излезе дека ќе биде трагична грешка и политичка катастрофа од историски пропорции“. Како и обично, Чомски не греши, но неговиот глас е, за жал, неверојатно осамен и далечен, додека вестите се полни со јуначења од интелектуално ниво на тринаесетгодишни машки деца, што ѝ се закануваат на Русија да ги повлече своите војски длабоко во својата територија.

Зарем не би требало да се подзастане малку и да се помисли дека во последните два века ништо добро за никого не излегло од буткањето на Русите да се повлекуваат длабоко во својата земја? Зарем не е подобро лидерите да седнат и да разговараат меѓу себе, со неопходниот меѓусебен респект и со повеќе грижа за можните последици за сите жители на планетава?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот