Политичка кампања меѓу извршители и стечајни управници

Кампањата сепак ќе биде валкана. При тоа спектарот на квалификации е широк, од стечајни управници, преку извршители до диригенти.

Кампањата за избори ќе биде валкана, но искуството од претседателските избори кои беа во позитивна атмосфера во однос на тие од 2014 година се добра шанса за демократска, фер и позитивна кампања, смета заменик-претседателката на СДСМ и министер за одбрана Радмила Шекеринска.

Се чини дека оптимизмот на Шекеринска испари уште недоречен. Кампањата сепак ќе биде валкана.

Тоа го потврдува, не само досегашната пракса во која уште од поодамна доминираат личните навреди од страна на партиските штабови, но и од водечките луѓе на партиие упатени кон претседателите на партиите.

Тоа значи, наместо со презентација на сопствената програма и реална понуда на економска и политичка програма до граѓаните, рејтингот ќе се гради преку вербални навреди и омаловажување на противникот.

При тоа спектарот на квалификации е широк, од стечајни управници, преку извршители до диригенти.

Па така, според Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, „Зоран Заев, човекот којшто ја опустоши државата е стечајниот управник на Македонија“.

И обратно: „Христијан Мицкоски е извршител на Никола Груевски и е стечаен управник на ВМРО-ДПМНЕ, најрасипничката партија со милионски долгови“, возвраќаат од СДСМ

Во налетот на жар во кампањата се посега и по музички жаргон за да се добие на духовитост.

– Извршителот Христијан Мицкоски потонат во очај и без идеи свири како што диригентот Груевски му диригира, но не погоди ниту една нота, не успеа да оствари ниту една нарачака од Будимпешта, оркестрираат од СДСМ.

Мицковски пак солира и вели:

– Диригентот диригира како оркестарот да свири, коментирајќи ја изјавата на премиерот Оливер Спасовски во која вели дека очекува изборната кампања да биде една од „највалканите” досега.

И додава:

– Подготвени сме да одговориме на нивните валкани игри до крај. Така што тој предизвик го прифаќам и ќе одиме до крај.

Од Центар за комуникации со јавност на СДСМ возвраќаат:

– ВМРО-ДПМНЕ и како власт и како опозиција освен за валкани кампањи за ништо друго и не знае, толку е безидејно и очајно што тргна во секојдневни и неосновани напади врз претседателот Заев и членови на неговото семејство.

Ваквата пракса на лична дискредитација на противникот не е нова кај нас. ВМРО-ДПМНЕ ја користеше без пардон со години кон поранешниот претседател на СДСМ Бранко Црвенковски. И додека беше во опозиција и долго потоа кога беше на власт. Речиси неизоставно денот почнуваше и завршуваше со навреди, клевети и обвинувања од секаков вид: политчки, економски до лични и персонални, семејни и сл. Од таму и синтагмата што произлезе дека Груевски е патолошки опседнат со Бранко Црвенковски.

Во времето на десетгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ кога Македонија ја претвори во „заробена држава“ тогашната опозициска СДСМ обилно се концентрираше да го идентификува виновникот за таквата состојба во ликот и делото на Никола Груевски.

Овој континуитет на посочување на лична одговорност за состојбите во државата продолжуваат и сега и се насочени кон претседателот на СДСМ и екс премиер Зоран Заев. Целта на ВМРО-ДПМНЕ е да се создаде негативна слика за него за да може незадоволството на граѓаните да се канализира и концентрира на една личност, при тоа избегнувајќи ја обврската да се понуди нешто конструктивно што ќе ги привлече гласачите кон себе.

Затоа и во Македонија имаме ситуација на изборите да не се гласа ЗА туку ПРОТИВ.

Ваквата пи-ар стратегија на ВМРО-ДПМНЕ е разбирлива ако се има предвид дека партијата по цели десетина години е во опозиција и нема со што да се пофали пред граѓаните како што тоа го правеше Груевски на секои избори.

Сега во таа улога е СДСМ кој, како и секоја власт има со што да се претстави пред своето гласачко тело и пред граѓаните воопшто. Но имајќи ги предвид и нападите кои ќе доаѓаат од страна на опозицијата ќе биде ставена во ситуација и да се брани на сличен начин.

Сепак ќе мора да внимава затоа што на тој начин севкупно ќе придонесе во создавањето слика на негативна и валкана кампања, и да биде обвинета како одговорна за организирање на изборите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот