Политичарите решени да ги покорат СЈО и ОЈО

Фото: МИА

Европската иднина и датумот за почеток на преговорите за Македонија ќе бидат забетонирани на неодредено време, доколку во Скопје за брзо време не се најде правно решение за новиот Закон за Јавно обвинителство. Со овој нов закон ќе треба да се реши иднината на Специјалното јавно обвинителство, односно тоа ќе мора да биде закон кој ќе биде правно издржан, по сите европски стандарди и најважно од сѐ, тоа треба да биде закон прифатлив за обвинителите.

Без решение уште долго ќе останеме заглавени во ќорсокак без европската надеж, коментираат познавачите. За овој предлог закон потребно е двотретинско мнозинство во Собранието на Македонија. За да се обезбеди тоа мнозинство пред неколку месеци започнаа преговорите помеѓу власта и опозицијата.

Роковите за донесување на овој закон започнаа да изминуваат уште кога премиерот Зоран Заев во април годинава најави дека до средината на минатиот месец ќе има договор за статусот на СЈО. Овој рок се проби, а власта посочи дека ако земјава не добие датум за преговори со ЕУ, една од причините ќе биде опструкцијата на ВМРО-ДПМНЕ за конечно решавање на статусот на СЈО.

При крајот на минатиот месец од владејачкото мнозинство во Собранието најавија дека преговорите помеѓу власта и опозицијата ќе продолжат и дека за скоро време можно е да се најде решение. Но, набрзо од страна на СДСМ барањата на ВМРО-ДПМНЕ беа оценети како претенциозни.

Главен преговарач на владејачкото мнозинство е министерката за правда Рената Дескоска, додека на ВМРО-ДПМНЕ е пратеникот Антонио Милошоски. На 29 мај самата министерката за правда изјави дека нема никаков напредок во преговорите со ВМРО-ДПМНЕ за носењето на новиот закон за Специјално јавно обвинителство. Таа рече дека постојат формални и неформални разговори со ВМРО-ДПМНЕ, но без напредок.

– Нашите позиции се принципиелни. Нема да дозволиме во законот да бидат ставени одредби кои нема да значат целосно воспоставување на правдата. Се прават напори за преиспитување на ставовите кај сите пратеници – рече Дескоска.

Таа кажа дека очекува позитивна оценка во извештајот на Европската комисија во делот на правдата, иако сѐ уште не е донесен новиот закон за СЈО.

ПРЕГОВОРИТЕ ПРОПАДНАА, ЗАПОЧНА КАВГИТЕ

Откако стана јасно дека политичарите ги „измешаа лончињата“ и не се знае зошто политичари преговараат за работата на обвинителите, а не обвинителите-правниците, започна јавната кавга помеѓу специјалната обвинителка Катица Јанева и Милошоски. Јанева изјави дека пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ не може да преговара за новиот Закон за Јавно обвинителство, со кој треба да се реши иднината на СЈО, бидејќи за него има истрага во нејзиното обвинителство. Јанева, одговарајќи на новинарско прашање околу донесувањето на законот, рече дека Милошоски многу се занесува со изјавите.

– Меѓународната заедница дава јасни насоки, а и власта, освен опозицијата, која е лично засегната. Не може за законот да преговара лице кое веќе има предмет во предистрага и во истрага и кое дава квалификации за СЈО. Тука мислам на Антонио Милошоски, кој многу се занесува во своите изјави – кажа Јанева, на што таа доби твит од посочениот пратеник „да купи некоја книга да прочита“.

КАДЕ ЗАПНАА ПРЕГОВОРИТЕ?

За власта и опозицијата најпроблематичен е членот 105 кој е клучната пречка во донесувањето на законот. Тој се однесува на продолжувањето на постапките и користењето на доказите кои се собрани досега.

За власта, нејзините црвени линии се всушност во тој член со оглед на тоа што станува збор за член кој треба да овозможи продолжување на гонењето за сторени кривични дела. Она што не може да биде прифатено во ниеден случај за Министерството за правда е внесување на одредби кои ќе значат скриена амнестија за одредени дела.

Опозицијата, пак, не отстапува од принципот на владеењето на правото што е преточено во амандманите. ВМРО-ДПМНЕ бара СЈО да не биде независно тело, туку да оди под капата на Основното обвинителство и да се најде полесна можност за промена на главната обвинителка Катица Јанева.

ЛАИЦИТЕ ДА СЕДАТ ПОДАЛЕКУ ОД ПРАВНИОТ СИСТЕМ

Правниците и професорите со кои разговаравме се со единствен став дека до брзo, одличнo и правно решение може да се дојде само ако политичарите се тргнат на страна од донесувањето на овој предлог закон, а работата да им ја препуштат на професионалците, на правниците.

Познатиот скопски адвокат Мики Вујиќ вели дека работата на политичарите за новиот закон за СЈО заврши кога завршија преговорите во Пржино и во Собранието на Македонија беше ратификувано ова обвинителство.

– За новиот предлог закон за СЈО, мое лично, а пред се и правно мислење е дека во преговорите не смеат да бидат вмешани политичарите, туку правниците. Иднината на СЈО треба да биде како посебен орган во склоп на Јавното обвинителство, како што тоа сега е случај со Одделот за организиран криминал при ОО. Во СЈО има одлични кадри. Сметам дека треба сите да си останат на своите работи позиции кога СЈО ќе се фузира во ОЈО. Со самото тоа фузирање шефот на СЈО за својата работа, но и за работата на своите подредени ќе одговара пред Јавниот обвинител на Македонија – вели Вујиќ.

Професорот Вангел Петревски вели дека предлог закон кој најмногу, народски кажано се однесува на работната иднина на СЈО не смее да им биде оставен да го напишат или договорат политичарите. Тој оценува дека со нивното повторно вмешање во правосудниот систем на државата се пишуваат лаички правила и закони кои подоцна создаваат правна болка на самиот орган за кој се однесуваат.

– Тоа ви е како на доктор-ортопед да му дадете право да даде стручно мислење за проблемот со електричната инсталација во вашиот дом и вие така да постапите без да прашате електричар. Се докажа дека каде се вмешале политичарите, трева не никнало. Се договорија за СЈО да постои пет години, сега сакаат тие да бидат факторот кој ќе „шефува“ со иднината на „бомбите“. Многу е едноставно решението. Или СЈО ќе добие нов мандат или ќе се соедини со ОЈО. Но, сите знаеме дека тоа не е болката, туку кај ќе завршат „бомбите“ па затоа сега се караат за наводната иднина на СЈО, без тоа и редовното обвинителство да ги вклучат во преговорите. Не може како што вели нашиот народ „друг на соседот да му ја крои капата, ако таа не му одговара на тој што треба да ја носи“ – нагласува Петревски.

Преговорите за новиот закон за Јавното обвинителство, во чии рамки е и статусот на СЈО е еклатантен пример како не треба да течат реформите во Македонија, оцени неодамна професорот Никола Тупанчевски од Правниот факултет во Скопје,

– Можеби на почетокот имаше некаква инклузија на стручната јавност. Сепак, на крајот се сведува на некаков политички, партиски договор, за кој не сум сигурен дека ќе го даде оптималното решение во однос на овој сериозен системски закон, за кој имаме сериозни очекувања. Ако продолжиме со нашата практика законите да ги носиме во Клуб на пратеници, тогаш тоа ќе биде сериозна пречка во сериозната реформа на македонската општествена сфера – нагласи професорот Тупанчевски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот