ПОЛИЦИСКИ ДЕТАЛИ: Шверцери „испрале“ алишта со кокаин
За кривично дело шверцување дрога притворени се двајца државјани на Црна Гора и државјанин на Перу. Во ноември минатата година, обвинетите заедно организирале препродажба на кокаин. Црногорците од непознато лице од Перу ја купиле дрогата, а продавачот го ангажирал третообвинетиот да го пренесе кокаинот од Перу до нашата држава, а потоа преку косовска територија до Босна и Херцеговина, извести ОЈО.
„Дрогата била хемиски третирана, при што кокаинот од прашкаста форма преминал во течна агрегатна состојба и со него биле потопени повеќе различни парчиња гардероба. Продавачот од Перу ја спакувал гардеробата во куфер и му го предал на обвинетиот, кој со со лет од Сао Паоло преку Франкфурт и Виена на 30 ноември лани околу еден часот пристигнал на меѓународниот аеродром „Скопје“.
Во меѓувреме, обвинетите црногорски државјани преминувајќи ја државната граница на ГП Блаце со патничко моторно возило „голф“ со црногорски таблички се упатиле на скопскиот аеродром. Ноќта се сретнале во хотел во Скопје. По претходен договор, наредното утро обвинетите се упатиле кон преминот „Блаце“, црногорските државјани со автомобилот, а Перуанецот со такси возило. Од страна на граничната полиција на МВР на Р. Косово на обвинетиот државјанин на Перу не му бил дозволен влез во Косово, бидејќи не поседувал виза и тој со истото такси возило се вратил на преминот „Блаце“ од каде телефонски ги известил другите двајца обвинети дека не му е дозволен влез во Косово и се враќа во Македонија.
Истиот ден, Перуанецот повторно се пријавил како гостин во хотелот и во попладневните часови од страна на полициски службеници од МВР е лоциран“, извести ОЈО.