Полицијата сè уште трага по несовесниот возач, кој пред два дена удри во пешак и го напушти местото на сообраќајната незгода. На 61-годишната скопјанка и се констатирани тешки телесни повреди.
Настанот се одвивал сред бел во населбата Бутел, а според пријавата сторителот бил со возило „форд фиеста“ со скопски регистерски таблички. Од полицијата за „Слободен печат“, освен што информираат дека веќе втор ден трагаат по сторителот, додаваат дека со случајот се веќе запознаени и надлежните обвинители.
Токму од обвинителите зависи и покренувањето на обвинение за неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода, со кое се товарат сите оние лица што ќе го напуштат местото на инцидентот. За секој што ќе се пушти во бегство се предвидени парична казна или затвор до една година, но согласно Кривичниот законик, уште поригорозни се казните во случаите кога жртвата е со тешки телесни повреди или пак дошло и до смрт на повредениот. Тогаш одредбите велат дека следува единствено казна затвор и тоа од три месеци до пет години.
Правниците информираат дека ова е дополнително дело за кое ќе одговара сторителот, покрај примарното, односно кое довело до загрозување на безбедноста на сообраќајот.