Полицијата во овој град има „дозвола да убива“, а нивната најнова жртва е 8-годишно ДЕВОЈЧЕ
Во Рио де Жанеиро во Бразил избија протести откако полицијата застрела осумгодишно девојче, уште една жртва на операциите на безбедносните сили. Агата Виторија Салес Феликс била со мајка и во комбе во сиромашниот дел на градот, кога ја погодил куршум в грбот. Сведоците велат дека полцијата пукала кон моторциклист во бегство, пренесува српски „Блиц“.
Рекордни 1.249 луѓе се убиени во вакви полициски акции во Рио од јануари до август оваа година. Агата е петото дете кое оваа година умира како последица на полициско насилство. Критичарите велат дека остриот принцип на гувернерот Вилсон Вицел, кој ја презема функцијата во јануари, одговорен е за зголемениот број на жртви во најсиромашните делови на градот (фавелите), од кои поголем дел се под контрола на моќните нарко-банди.
Агата се враќала дома со мајка си во петокот навечер со комбе, кога во Алемаo, една од најголемите фавели на Рио, погодена е во грб. Таа е пренесена во болница, но брзо и подлегнала на повредите, пренесе Би-би-си. Полицијата во соопштението навела дека полицајците кои ја погодиле Агата реагирале на напад на криминалец што предизвикало престрелка.
Истрагата е во тек, а семејството на Агата тврди дека полицијата пукала кон мотоциклист кој минувал во близина на комбето и дека немало никаков судир во тоа време.
Во меѓувреме, повеќе од стотина огорчени Бразилци излегоа на улиците на Рио во знак на протест.
– Човек поминал на мотор, а полицијата сакала да го запре. Тој не застанал, туку продолжил. Иако не бил вооружен, полицијата пукала кон него. Немало судир, единствениот куршум го испукала полицијата – изјави роднина на девојчето.
Гувернерот Вицел вети дека со насилство ќе се бори против насилството, нешто што и во минатото е пробувано, но не успеало да постигне резултати. Како последица, се појавуваат се повеќе невини жртви, а Вицел инсистира дека е на вистински пат. Надвор од сиромашните фавели, многумина тоа го гледаат како цена за намалување на криминалот во градот.
– Гувернерот на безбедносните сили им даде дозвола да убиваат. Државата не може да се однесува како терорист – изјави опозиционерката Рената Соуза, шефица на Комисијата за човекови права во Градското собрание на Рио де Жанеиро.
Таа на почетокот на оваа година ги повика Обединетите нации (ОН) да ги истражат полициските операции. Вицел, кој планира да се кандидира за претседател, често вели дека намалувањето на убиствата и другиот криминал е доказ дека неговата политика функционира, но не е јасно дали тоа намалување е директна последица од неговиот агресивен пристап.
Полицијата, како што пренесува „Гардијан“, рекла дека нема да ја промени својата политика и навела дека бројот на убиства ширум Бразил од јануари е намален за 21 отсто, во споредба со истиот период минатата година.
– Нема да се повлечеме. Владата е на вистинскиот пат – изјави портпаролот на полицијата Мауро Флиес.
Десничарскиот претседател Жаир Болсонаро повеќе пати повтори дека „добар криминалец е мртов криминалец“, а тој и Вицел ги поддржале промените во законот со кои би биле заштитени полицајците од кривично гонење ако убијат осомничени. Болсонаро минатиот месец рече дека криминалците ќе „умираат на улиците како бубашваби“ ако овие промени се усвојат.