Полицијата потврди: Исчезнатиот британски новинар Дом Филипс и неговиот бразилски соработник Бруно Переира се убиени

Дом Филипс / фото: Твитер

Бразилската Федерална полиција соопшти дека во Амазонија се убиени британскиот новинар Дом Филипс, кој се водеше како исчезнат од 5 јуни и експертот за домородните народи, Бруно Переира, кој му бил водич, пренесе Агенција Анадолија (АА).

Александре Фонтес, шефот на Сојузната полиција на државата Амазон, на прес-конференција истакна дека приведениот Амарилдо де Коста Переира признал дека ги убил новинарот Филипс и неговиот придружник Переира.

Наведувајќи дека остатоците од пронајдените тела ќе бидат испратени во главниот град Бразилија на судско вештачење, Фонтес рече дека засега не е можно да се открие причината за смртта на британскиот новинар и експертот, поради доверливоста на истрагата која е во тек.

Фонтес нагласи дека наодите укажуваат дека Филипс и Переира се убиени со огнено оружје, но точната причина за смртта ќе биде утврдена со истрагата.

Дом Филипс (57), кој работеше за британскиот весник „Гардијан“ (The Guardian), отпатувал во регионот за да напише книга за домородните народи во Амазонија. Новинарот Филипс и неговиот водич Переира, 41-годишниот експерт во Националната домородна фондација поврзана со Владата, беа исчезнати од 5 јуни.

Филипс и Переира последен пат се видени на 4 јуни кај реката Итакваи во долината Јавари, на бразилската граница со Колумбија и Перу, област што е позната по работата на шверцери на дрога, илегални рудари и ловокрадци.

Познато е дека искусниот новинар Филипс, кој во Бразил работи околу 15 години, претходно добивал закани поради неговите активности за заштита на Амазонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот